Грчката претседателка, премиерот, министри од Владата, лидери на опозициските партии, сите протагонисти од политичката сцена во Грција ја поздравија едногласната одлука на судот и коментираа дека денеска е голем ден за демократијата, јави МИА.
Грчката претседателка Катерина Сакеларопулу вели дека „денешниот ден е важен за демократијата“, а одлуката е „потврда дека демократијата и нејзините институции секогаш имаат можност да спречат било каков обид за нивно поткопување“.
Премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис во изјавата по соопштувањето на пресудата истакна дека „денеска победи демократијата“, додава дека како претседател на Владата избегнува да коментира судски одлуки, но како грчки граѓанин е задоволен од признавањето на криминалниот карактер на Златна зора.
Поранешниот грчки премиер и лидер на СИРИЗА Алексис Ципрас, кој беше и на протестот пред судот, неговото задоволство за одлуката го изрази прелку социјалните мрежи, коментирајќи дека е „голем ден за демократијата, ден на прaвда и гордост“.
Министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас преку „Твитер“ упати апел до демонстрантите пред судот да бидат особено внимателни поради коронавирусот бидејќи „е убав ден за демократијата, но да не биде лош ден за јавното здравје“.