Директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова и Зоран Златковски, управител на В.Е.З. Трејд, преку фејсбук профилот на Димова со реакција (соопштение до медиумите) кон интернет порталот А1он и новинарот Кристијан Ландов. за неговиот напис со наслов: Скопска фризерница добила над 270.000 евра европски пари за едукација.
„Изминативе денови сме сведоци на организиран „напад„ кон Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, од страна на Интернет порталот А1 Он.мк и новинарот Кристијан Ландов, со презентирање на еднострани и непроверени факти, без запазување на стандардите на професионално новинарство и објективно информирање на граѓаните.
Имено, новинарот Кристијан Ландов, дел од тимот на наведениот Интернет портал, на 10.09.2020 година објави текст со наслов„ Скопска фризерница добила над 270.000 евра европски пари за едукација“. Во текстот преовладуваат тенденциозни невистини, кои имаат за цел да креираат алузија за наводен криминал при доделување на грантови преку програмата „ Еразмус+“. Интересен е моментот на објавување на ваквите текстови, не само преку овој портал, туку и преку други медиуми, а тоа е моментот на расчистување со криминалот во Националната агенција, од страна на сегашното раководство, преку водење на соодветни дисциплински постапки за несовесно и незаконско работење на одредени вработени, како и со поднесување на пријави до надлежните институции во РСМ за гонење на криминал и антиконкурентско однесување.
Во оваа згода сакам да ја известам јавноста за тенденциозното манипулирање од страна на новинарот, со што е предизвикана штета на повеќе ентитети/нивоа, и тоа:
– на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност,
– на програмата Еразмус+,
– на државата која учествува на рамноправно со сите други програмски држави,
– мене како на директорка на институцијата,
– на г-нот Зоран Златковски, кој уредно и регуларно ги доби проектите од НА, а сепак мора да поминува низ невидена тортура преку нанесена дефамација на неговиот углед, и конечно
– на Република Северна Македонија затоа што овој текст го извалка успехот постигнат во последните две години и отворено нотирани во последниот извештај за напредокот на државата на ЕК.
Која е вистината?
Како прво, Националната агенција не финансираше фризерница (иако и тоа е дозволено и се правело во минатото), туку го финансираше претријатието „Вредност на европско знаење“, чијшто скратен назив е В.Е.З. Трејд. Исто така не е точен наводот дека Вредност за европско знаење, односно В.Е.З. Трејд не постои во Централниот регистар на РСМ. Седиштето на оваа фирма е токму на адресата која ја посочува новинарот, каде по некоја случајност во овој момент се обавува фризерска дејност, бидејќи лицето кое го користи тој локал ја обавуваа таа дејност. Но, фризерот кој ја обавува таа дејност ниту е Зоран Златковски, ниту тоа лице има каква било поврзаност со грантовите на Еразмус + програмата. Новинарот ја побара оваа информација и таа му беше дадена, но сепак реши да објави нешто сосема друго.
Второ, Еразмус+ проектите се финансираат според строги процедури пропишани од Брисел, а не од директорката, или партијата или министерството или од кое било друго лице или тело. За да се одобри определен проект, одлучуваат неколку нивоа: програмските службеници прават техничка проверка, потоа следува евалуација од надворешни соработници (ако проектот е над 60.000 евра, или ако се работи за КА2 акција проектот го оценуваат двајца надворешни соработници). Се прават ранг-листи според освоени бодови на проектите по акција и тие заедно со резимеата од проектите се разгледуваат од страна на Комисијата за евалуација во која членуваат претставници од пет институции. Годинава поради воведувањето на националните приоритети, и во обата повика, учествуваа и преставници од Министерството за образование и наука, како набљудувачи. И последното ниво на одлучување е директорката. Напоменувам дека ова дискреционо право никогаш не сум го искористила досега.
Надворешните соработници се тајни. Новинарот во текстот наведува дека се обидел да контактира 30 надворешни соработници, а тоа самото по себе е казниво, и говори во насока дека е „брифиран“ токму од лицата против кои се водат дисциплински постапки. Но, заради појаснување на јавноста, ќе додадам дека проектите на В.Е.З. Трејд добиени во 2020 година (во училишно образование, во стручно образование и во образованието за возрасни) се оценети од седуммина различни надворешни соработници.
Авторот на текстот се обидува да направи споредба со други држави од ЕУ, но компарацијата ја прави со секторот високо образование од каде што „В.Е.З. Трејд“ нема добиено проект. Тоа е исто како да мешате баби и жаби, се со цел да ширите дезинформации. Патем, јавноста треба да знае дека последните две години Националната агенција го објавува годишниот буџет – по акции – на својата веб-страница на почетокот на годината заради поголема транспарентност за корисниците.
И конечно, одговорно тврдам дека г-нот Зоран Златковски за првпат го запознав кога станав директорка на Националната агенција, затоа што истиот беше еден од малкуте национални ЕКВЕТ експерти (кредит трансфер систем во стручно образование) избран на отворен конкурс уште во 2015 година од претходното раководство на институцијата.
Неприфатливо е Интернет-портал, кој претендира да биде сериозен и објективен медиум, да се служи со непроверени информации и еднострани изјави и инсинуации, апстрахирајќи се од информациите добиени од другата страна во приказната. Свесно или несвесно се става во функција на луѓето кои досега ги злоупотребуваа токму грантовите на програмата Еразмус + и за кои луѓе се поведени соодветни постапки пред надлежните институции. Со ваквите непроверени и манипулативни информации, не само што е нанесена штета на погоренаведените ентитети/нивоа, туку се креира и погрешна слика кај меѓународните институции, донатори на овие грантови, а со самото тоа и на државата. За жал немаме друг избор освен тоа да ги докажеме невистините и клеветите пред надлежен суд.
Со почит, Лидија Димова, Директор, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и Зоран Златковски, управител на В.Е.З. Трејд“, стои во соопштението до медиумите пренесено преку Фејсбук пост од Лидија Димова.