Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска имаше средба со претставнички на Здружението на жени за помош и поддршка на пациенти кои се лекуваат од карцином „Љубов сме – Jemi Dashuri“, на која се разговараше за секојдневните предизвици со кои се соочуваат жените болни од карцином, но и можноста Министерството за труд и социјална политика преку конкретни мерки да придонесе за нивно полесно и поефикасно надминување.
Средбата ја организираше сопругата на претседателот на државата Елизабета Ѓоргиевска, која беше и домаќин во претседателската резиденција.
Министерката Шахпаска истакна дека и како министерка, но и како лекар-специјалист по професија, е секогаш отворена за разговор и за предлози кои ќе значат унапредување на социјалните политиките на државата, а со единствена цел да им се помогне на сите оние на кои тоа им е неопходно.
„Во нашата владина програма предвидени се низа мерки и политики кои значат поголема грижа и за пациентите, но и за ранливите категории граѓани. Но, јасно е дека секогаш може и повеќе и подобро и токму затоа верувам дека преку дијалог и конкретни предлози ќе дојдеме до решение за предизвиците со кои се соочувате. Покрај правото на туѓа нега што болните од канцер го имаат додека трае периодот на лекување, но и преку другите социјални политики и реформи, обезбедени се повеќе мерки кои значат директна поддршка за граѓаните. На пример денеска е олеснет пристапот до гарантираниот минимален приход, а и воведена е социјалната пензија со која се опфатени оние кои имаат наполнето 64 години возраст, а немаат 15 години стаж. Како Министерство, но и како Влада размислуваме за дополнително унапредување на оваа мерка која би била уште поповолна за граѓаните“, нагласи министерката Шахпаска.
Македонка Давчева истакна дека Здружението „Љубов сме – Jemi Dashuri“ има над 1600 членови од кои околу 80 проценти се жени со дијагноза.
„Тежок е патот што една жена треба да го изоди од моментот кога ќе ја слушне дијагнозата, преку процесот на лечење и потоа враќање во работниот процес. Токму затоа поддршката од институциите ни е многу важна. Како Здружение задоволни сме што е покачен процентот на телесна инвалидност, но за жал кај дел од жените се уште има разлика во проценката по стариот и новиот модел“, предочи Давчева.
Во тој контекст министерката Шахпаска ги повика претставничките од Здружението „Љубов сме – Jemi Dashuri“ најскоро што може да дојдат во Министерството за труд и социјална политика и заеднички, заедно со надлежните служби, да се најде решение за сите отворени прашања.