Со предлог измените кои денеска се пред делегатите, воведуваме родова еднаквост помеѓу жените и мажите во органите на партијата, најави Заев на првиот дигитален Конгрес на СДСМ, а 25 по ред, што се одржува преку електронската платформа Зум, а партијата на овој чекор се решила заради заштита на здравјето на граѓаните, делегатите и медиумските работници.
Тој нагласи дека СДСМ е прва партија во Северна Македонија и прва или меѓу првите партии во Европа и светот со целосна еднаквост на жените и мажите во органите и телата на партијата.
-За прв пат во историјата на партијата Форумот на жени на СДСМ и Социјал-демократската младина на Македонија се регулираат како трајни и статутарни форми на организирање, чие постоење не зависи од политичката воља на моменталното раководство. Претседателката на Форумот и Претседателот на младите ќе учествуваат во работата на извршните органи со право на глас на сите нивоа – државно, градско и општинско, потенцира Заев.
Заев истакна дека за прв пат СДСМ ќе добие и Форум на пензионер.
Ј. Ѓорѓиоски