Николај Крстев, долгогодишен новинар, дописник на Бугарското национално радио (БНР) од Белград и Москва, признат аналитичар и одличен познавач на состојбата во Западен Балкан за offnews.bg вели дека е проблем кога внатрешната политика на една земја станува меѓународна. Според него, двете политички партии со предзнак ВМРО во двете земји работат против ЕУ, а во корист на Пекинг и Москва, пренесува „Мета.мк“.
„Опаѓањето на бугарско-македонските односи почна кога нашата земја посака нејзин почесен конзул во Македонија да биде тамошен бизнисмен, којшто е нивниот еквивалент на Дељан Пеевски – Јордан Камчев(ски). Тој има огромен бизнис и многу ѝ помага на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш Скоје одби и јас уште не можам да си претставам зошто избравме личност што создава толку голем пристисок кај нашата сосетка“, порачува Николај Крстев.
Во емисијата „По острието с Калојан Константинов“, Крстев вели дека антибугарската кампања во Македонија се води единствено од медиумите на ВМРО-ДПМНЕ, а не од „владините“ медиуми, пренесува offnews.bg.
„По нашите потези со блокирањето на преговорната рамка, веројатно и тие ќе почнат. Едното ВМРО има потреба од гласови пред изборите во март, а на другото му требаат за да се собори владата на Зоран Заев“, објаснува Крстев за постојаните скандали што ВМРО (на Каракачанов, заб. прев.) ги создава во Бугарија.
Аналитичарот и новинар Николај Крстев исто така смета дека Бугарија го има најголемиот интерес Западен Балкан да се интегрира во ЕУ, а всушност постојано го блокира тој процес.
„Од тоа произлегува дека работиме во полза на Пекинг и Москва, а против Брисел и себеси“, смета Крстев.
Според него, проблем е кога внатрешната политика се претвора во меѓународна.
„Штом Косово и Србија се договорија да изградат автопат на Мирот и железничка линија, а војуваа до пред 20 години, зошто тогаш не би можеле Скопје и Софија? Но ако сепак ставаме вето – зошто за Македонија, а не и за Србија?“, прашува Крстев
Тој смета дека, на пример, крај на неубавиот спор за Гоце Делчев би можел да се стави со изградба на автопат меѓу Софија и Скопје, што би го носел името на трибунот.
Крстев вели и дека Бугарија спроведува патерналистичка политика кон Македонија, којашто многу наликува на односот на Русија кон Бугарија. Смета дека Договорот за добрососедство, така како што се користи во Бугарија, единствено ќе помогне на ВМРО-ДПМНЕ. Бугарскиот истакнат аналитичар, исто така, вели дека Бугарија треба да излезе од размислувањето дека аргументите на земјата се секогаш правилни и разбрани од сите.
„Договорот за добрососедство вели дека кај нас нема македонско малцинство. Тој вели и дека имаме заедничка историја. Вие да отидете само со тој договор во центарот на Скопје и да го покажете на луѓето – никој нема ништо да ви каже. Па зошто тогаш се караме? Што сакаме? Да го вратиме Никола Груевски на власт ли? Најжестокиот противник на Бугарија, Мицкоски, ли? Оти, на крајот, тоа ќе се случи. Бугарија треба да излезе од кругот на проценки дека нашите аргументи за Северна Македонија секогаш се правилни и дека сите не разбираат. Треба да водиме реалполитика“, порачува Крстев.