Прилепскиот градоначалник д-р Илија Јованоски oд утрово од 7 часот волонтира во инфективно одделение.
Денес прегледува 40-тина пациенти организирани во интервали од 10 минути. На своите обврски во општината ќе се врати во 11 часот.
Јованоски, кој по професија е специјалист ортопед, поттикнат од, како што вели, драматичниот недостиг од медицински персонал, максимално ќе се вложи да помогне.
– Понудив, од колегите и од болницата беше прифатено да им помагам на колегите на Инфективното одделение технички, организационо и како лекар во наредниот период. Не се знае до кога ќе биде ангажманот, можеби и во наредните месец-два, зашто периодот е повеќе од драматичен со недостигот од медицински персонал, изјави вчера Јованоски пред инфективното одделение.
Јованоски нагласува дека ќе ги извршува и градоначалничките обвски кои сега се во помал обем. Сака да упати порака до сите колеги колку што може да се вклучат.
– Сакам да дадам пример и да ги повикам сите колеги кои досега не биле вклучени, од матичните, медицински сестри и болничари да се вклучат и да им помогнат на пациентите, зашто напливот е повеќе од загрижувачки. Од друга страна, в петок на седница на општинскиот совет ќе побарам да се одвојат средства, доколку е потребно, за сите медицински лица кои како волонтери ќе се јават да помогнат, изјави Јованоски.





