Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави протест со автомобили во 18 часот, од СЦ „Борис Трајковски“ до Влада. Но, останува дилема дали како што го нарече Мицкоски „предупредувачкиот протест за одбрана на црвените линии кои се последниот бедем на нашиот идентитет“, ќе биде со автомобили или со физичко присуство пред Влада, бидејќи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на денешниот Фејсбук пост од пред неколку часа напиша: „Протест сега, за да не биде предоцна! Заштите се, носете маска, држете растојание. Се гледаме на улиците“. Поголемиот дел од коментарите на симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ се дека протестот треба да биде со физичко присуство наместо со автомобили, како што беше првично најавен.
„Ако нема почитување, нема да се разбереме. Да не бидеме неми, да бидеме гласни пред да биде предоцна. Овде не се работи за партии, овде се работи за Македонија, за Илинден и АСНОМ, за она што сме и она што сакаме да останеме“, објави Мицкоски.
И лидерот на Левица, Димитар Апасиев повикува народот да му се спротистави на Заев, или како што вели – „ако не му се спротивставиме, ќе не направи народ без држава“.
Иако Апасиев јавно не повикува на протест, затоа на Фејсбук страницата „Бојкотирам“ блиска до Левица има јавен повик за протест пред Влада во 18:30 часот, со маски.
Јована Мојсоска од Левица го споделува статусот за протестот пред Влада.
Симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ ќе го почнат протестот во 18 часот пред Владата. Останува прашањето кој ќе биде предводник на „фуријата“ – Мицкоски или Апасиев?
Дехран Муратов / ЦИВИЛ МЕДИА