Министерството за внатрешни работи сериозно презема активности во делот на спречување и санкционирање на говорот на омраза, посебно инициран од актуелните односи со Бугарија, пренесува 360 степени.
„Ги следиме, преземени се одредени истражни дејства за одредени фејсбук-групи и на други мрежи. И ова не е само за ситуацијата туку и генерално, бидејќи проблемот со говорот на омраза е сериозен, создава непријателства и во други држави, иако во овој период е малку поизразено поради состојбата“, изјави министерот Оливер Спасовски.
Тој рече дека секојдневно соработуваат и со бугарските колеги, со тамошното МВР, за вакви случаи таму и за секое друго прашање – говор на омраза, организиран и транснационален криминал, миграција, и тоа не само со соседните земји туку и со сите земји во регионот и во ЕУ.
Бугарските медиуми објавија дека вчера на разговор во бугарското Министерство за надворешни работи бил повикан привремениот шеф на Амбасадата на Република Северна Македонија во Софија во врска со групи на Фејсбук кои ширеле говор на омраза.
Како што пренесе Дојче веле, станува збор за групата „Ајде да плукаме по Бугари и бугараши“, во која се пласираат навреди и говор на омраза кон Бугарите и повици за насилство кон лицата со бугарско државјанство кои живеат на територијата на Македонија. Во истата група објавен е и список за плукање по „истакнати македонски бугараши“