Нашата земја има силни интелектуални потенцијали кои се присутни во меѓународната академска јавност, за разлика од нашата во која доминира инстант културата и продукцијата на лажни вести и говор на омразата. Дискредитацијата на јавните личности е секојдневна појава со која се контаминира јавната комуникација до крајни граници. Без аргументи и без чувство на одговорност за јавниот интерес, многу често, мета на нападите на партиските чети од тролови се токму најголемите интелектуалци во нашата земја.
Јавноста е малку запознаена со меѓународните успеси на највредните претставнички и претставници на академската, научната и уметничката фела во земјава. Едно од најважните имиња во светската современа филозофија доаѓа токму од Северна Македонија. Тоа е проф. д-р Катерина Колозова. Таа е дел од интелектуалците кои својата општествена одговорност ја сфаќаат сериозно и секојдневно даваат драгоцен придонес кон општествените процеси. Иако агендата на д-р Колозова е претрупана со обврски кон научната работа и Институтот за општествени и хуманистички науки чиј основач е самата, таа е присутна во јавниот дискурс со своите редовни коментари, ставови, па и динамични дискусии на социјалните мрежи.
Логиката на Фејсбук пропагандистите вели дека интелектуалците кои даваат свој придонес кон интеграциските процеси на нашата земја, се послушници на Владата предводена од Зоран Заев. Сепак, има разлика. До пред четири години, режимот на Груевски ги прислушуваше интелектуалците и новинарите. Потоа ги корумпираше, а оние што не можеше да ги претвори во свои поданици, ги прогонуваше на најразлични начини, почнувајќи од оцрнување преку медиумите, до деградации, па и лустрација.
Денес, живееме во демократија. Секако, далеку од совршена, но демократија. Владата на Зоран Заев е оценета како демократска од сите релевантни меѓународни форуми, институции и демократски држави и сојузи. Заев не бара поданици меѓу интелектуалците, не бара тие да го слушаат него, туку тој го слуша нивниот глас. Тоа не можат или не сакаат да го разберат антизападните и антидемократските структури, па затоа ја насочуваат својата кампања на омразата кон интелектуалците, третирајќи ги како непријатели и предавници.
Но, денешна тема секако не се пропагандистите, туку една од најголемите интелектуалки што нашата земја ги дала, нашата современичка, д-р Колозова. Без оглед на повремените разидувања и несогласувања кои и авторот на овој портрет ги има со Колозова, овде говориме за објективни факти – имаме светски позната и призната интелектуална величина во нашата земја, авторка на бестселери во редот на најголемите светски филозофски имиња. За кого, всушност, се работи?
Проф. д-р Катерина Колозова докторирала на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Институт за филозофија, на 28 годишна возраст на тема од областа на философската антропологија, која е изработена во програмска соработка со EHESS-Paris. Прв пат е избрана за доцент на постдипломските студии по комуникации на ИСППИ-УКИМ, а потоа предава како постојан или визитинг професор на повеќе високообразовни институции во Македонија и регионот (Белград, Софија, Сараево).
Во моментов е професор на Институтот за општествени и хуманистички науки, приватна непрофитна научна установа акредитирана за студии од втор циклус. Едновремено е и дел од редовниот кадар на Департманот за критички политички студии на Факултетот за медиуми и комуникации во Белград, каде предава современа политичка филозофија. На истиот факултет претходно предавала и филозофски предмети за комуниколози (како „студии на реалноста“) и родови студии.
Феминизмот и родовите студии се дел од темите кои постојано ги пронижуваат нејзините истражувања и наставни ангажмани, како и нивните пошироки аспекти: теории на субјективитет, идентитет, и сл. Во 2009 била визитинг професор со истражувачки ангажман на Универзитетот Беркли-Калифорнија под супервизија на Џудит Батлер. Во 2019 беше визитинг професор истражувач на Универзитетот Колумбија од Њујорк, Школата за студии на јавни политики, во нивниот глобален центар во Париз.
Нејзините монографии се издадени од Columbia University Press, Bloomsbury Academic – London (UK), Punctum Books – New York (Brooklyn), а делови од поглавја на приредени книги објавила со Edinburgh University Press, Oxford University Press, Bloomsbury Academic, како и статии за журнали на Sage, Taylor and Francis, Palgrave Macmillan и бројни други.
Долги години работи на врската меѓу ригорозната наука и студиите на политики, посветена на претворањето на филозофските и научните увиди во практики на управување кои може да се применат, со фокус на т.н. „model of grand policies“, кој подразбира структурни и долгорочни преобразби и реформи во едно општество, кои не се сведуваат само на промислување на легислативата туку и културните и други општествени политики.
Работи со бројни странски млади научници, па така во август 2018, Универзитетот во Тубинген организираше Меѓународна Академија со К. Колозова (International Summer Academy with Prof. Katerina Kolozova).
Поврзаноста на филозофските области во кои д-р Катерина Колозова постигнува светска слава, со низа други области од суштинска важност за развојот на општеството и политичките системи може да се забележи и во интересот на низа автори од областа на правото. Така, автори од областа на студиите на правото ги дискутираат тезите на филозофското дело на Колозова Cut of the Real: Subjectivity in Poststructuralist Philosophy : The American Journal of Comparative Law, Volume 65 (Oxford University Press), Issue suppl_1, July 2017, Pages 1–132, 76.
Трудот на д-р Колозова од областа на филозофијата на правото (потеклото на законот) објавен од Angelaki: Journal of the Theoretical Humanities (Routledge-UK), 19:2, 99-111 е цитиран од повеќе автори, како на пример Tony Fry во Unstaging War, Confronting Conflict and Peace (Springer, 2019) или Religion and European Philosophy: Key Thinkers from Kant to Žižek edited by Philip Goodchild, Hollis Phelps (Routledge 2017) и други.
Бројни тези на меѓународни универзитети за една од главните референци или проблемски подрачја ја обработуваат филозофијата и теориската анализа на д-р Колозова, како на пример:
– Brynn Catherine McNab, PIVOT: TROPES, TROPISMS, ANDNON-METAPHOR, Masters of Arts Thesis, European Graduate SchoolPhilosophy, Art, and Critical Thought 2020;
– Matthew Jamison, MA Thesis Utrecht University (презентација на тезата достапна тука);
- Alice Rekab, Title of thesis: An enquiry into generalized non-philosophy: through text, practice and image, Kingston University-London (одбранета во 2018, Колозова е external examiner на одбраната на докторатот);
- Stanimir Panayotov, Central European University- Budapest, PhD 2019 The Problem Of Disembodiment: An Approach From Continental Feminist-Realist Philosophy: „ Оваа дисертација има за цел да ја спореди родовата димензија на неовоплотеноста во делата на Плато и Плотин како и во делата на филозофите (од школата на non-philosophie) Франсоа Ларуел и Катерина Колозова“.
Напишани се огромен број рецензии и текстови на докторанди и магистранти на меѓународни универзитети за трудовите на д-р Колозова, но овде ќе наведеме само неколку.
– Maxwell Kennel, PHD Candidate at McMaster University, во Parrhesia Journal, Parrhesia: A Journal of Critical Philosophy (an international open-access journal of Critical Philosophy affiliated with Melbourne School of Continental Philosophy).
– David M. Peña-Guzmán (сега професор на San Francisco State University): Katerina Kolozova, Cut of the Real: Subjectivity in Poststructuralist Philosophy NEW YORK: COLUMBIA UNIVERSITY PRESS, 2014 (ISBN 978-0231166102), reviewed for Hypatia: A Journal of Feminist Philosophy, Cambridge University Press (2016)
Cut of the Real: Subjectivity in Poststructuralist Philosophy, од Катерина Колозова, е издадена во 2014 од страна на Columbia University Press, New York. По излегувањето на ова дело, се искачува високо, на самиот врв од светски бестселери во областа на структуралистичката и постструтуралистичката филозофија. Во моментот на пишување на текстот, нејзиното дело, објавено пред дури седум години, се наоѓа на 116 позиција во светот. Македонските портали во текот на 2014 забележале дека делото на Колозова е на трето место на оваа листа на бестселери на Амазон, но добро е да потсетиме дека и 7 години по нејзиното издавање таа сé уште се наоѓа во групата автори како Мишел Фуко, Алан Бадју и други.
И сево ова е само избор од постигнувањата на светски познатата авторка, д-р Колозова која сама го пробиваше својот пат на светската сцена, каде што ретко кој од нашата земја успева да стаса.
Џабир Дерала