пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
До апсолутното не се стигнува, ниту се, особено, создава, низ историјата. Политиката не е религија. Или е инквизиција. Општеството и политиката имаат должност да ги регулираат работите на сите за да има секој време и слобода да учествува во заедничкото трагање по апсолутното. Историјата не може повеќе да биде поставена како предмет на култ. Таа е само прилика која треба да се направи плодна по пат на неуморниот револт.
Опресијата на жетвата и рамнодушноста спрема историјата се двата крајни пола на мојот лак (Шар). Ако времето на историјата не е направено од времето на жетвата, историјата е, всушност, само една минлива и свирепа сенка во која човекот повеќе нема свој удел. Тој што и се дава на таа историја, не се дава на ништо и според тоа не е ништо. Но, оној што се дава на времето на својот живот, на куќата што ја брани, на достоинството на живите, тој и се дава на земјата и од неа добива жетва која повторно дава семе и храна. Да завршам, историјата ја придвижуваат напред оние што знаат, во саканиот момент, да се побунат дури и против неа. Тоа претпоставува една непрекината напнатост и згрчена ведрина. Но, вистинскиот живот е присутен во самата срж на таа испокинатост. Вистинскиот живот е самата таа испокинатост, духот што лебди над вулканите светлост, лудилото на праведноста, исцрпувачката непомирливост на мерката. Она што одекнува за нас на границите на овој бунт, не се формулите на оптимизмот, со кои не знаеме што да правиме во нашата крајна несреќа, туку зборовите на храброста и интелигенцијата, кои во близина на тегобите, се доблест.
Ова е Ками.
Што би правел Албер како претставник на Северна Македонија во мешовитата комисија на историските и историчарските сенки со претставниците на Бугарија?
На масата на која се расправа за поделбата на најголемите безначајности во историјата, дури и на самата историја како безначајност. На таа „минлива и свирепа сенка“ во која дреме нашата несреќа, не нашата среќа, тој низок плафон кој не ни дава да се исправиме, кој и во слободата не држи понизни, смачкани, хендикепирани, која како корона ни има влезено во градите пред многу години и цело време ни го диктира плиткото дишење и општата немоќ за каков и да е подвиг.
Што би рекол тој да му дојдат некои Георгиевци и Димитровци и да му речат дека Карло Глупавиот (Carolus Simplex) 879-929, за малку врсник на Самоил, го кочи напредокот на Франција затоа што германскиот дел од комисијата смета дека тој е всушност германски крал со оглед на тоа дека со помош на германски војници го победил “незаконскиот” крал Одо и си ја ставил круната на главата!?
Што прво би спасувал Кокто ако види дека гори француската историја.
Огнот, нормално.
А ако го прашаат што би сторил ако види дека гори македонската историја, тој, сигурен сум, би рекол: би се помочал, и врз огнот и врз историјата.
Степинц рекол дека со три месеци власт може да ги покатоличи сите Срби.
Низ историјата се покажало дека македонското тесто е добро за правење на бугарски и српски кифли и за помалку од три месеци. Да, и грчки.
Груевски успеа за неколку години од Македонците да направи идиоти.
Кои сé уште не се изумрени.
Секој ден протестираат и бараат оставка од премиерот кој им се чини како човек кој може да им го продаде идентитетот.
Јас со три месеци власт би можел да направам од Македонците Инуити кои ловат летечки фоки.
По повод таа амбиција некои стручњаци ми рекоа: Тричко, претеруваш, па летечки фоки нема ниту на Арктикот?!
Хахаха!
Догмата за корените вреди ако корените се живи во човекот, не во земјата и не во историјата. Сé што е надвор може да послужи само за греење. Односно има смисла само ако го исчезнуваме. Со тоа што во тоа исчезнување ќе ја црпиме енергија на нашето оцелување, како што тоа го означуваат Бугарите.
Но, не, ние си го сакаме Гоцета Делчев.
Што е Гоце Делчев?
Глупаците, преоблечени во патриоти, велат дека тој е темел на македонскиот идентитет.
Можно е.
Во прилог на тоа говори усраноста на идентитетот.
Јас имам друга теорија: Гоце е црната дупка што ја заробува националната енергија и нас како Македонци со децении нé држи на работ на таа дупка како крајна маса која ниту е слободна во вселената, ниту е мртва во бездната.
Страшна судбина.
За разлика од космичките релации ние имаме можност дупката да ја поклопиме со капакот на разумот, што би рекол Ками, на храброста, на паметта, на интелигенцијата.
Офелијо, кај ми е капакот?!
Тоа е.
Не ме шокираше меморандумот на МАНУ, на УКИМ и на МПЦ-ОА само затоа што од поодамна сум свесен за тоа дека само дострелите на македонскиот автошовинистички кретенизам немаат плафон. Па тоа се главните јавачи на пропаста. Академијата без наука, Црквата без вера и Универзитетот без образование, не ја бранат Македонија, туку својот статус во Македонија, дури, би рекол, не ни својот статус толку колку безвезноста, испразноста, реалното ништавило на својот статус, замачкано со кремата на националниот модел, на парадноста, на кичот и пијанството.
Тие што се еден од главните извори на драмата, се нудат себе си како спасители.
Не мислам дека се толку глупави.
Тие повеќе не ја бараат својата шанса во опстанокот на Македонија, туку во хаосот што се задава на почетокот на распаѓањето. Во празнината на своето постоење тие нема што друго да бранат. Нивната одбрана на јазикот и на идентитетот е најнавредливата и автодеструктивна работа. Нивниот семинарски дух нема никаков друг освен крајно опортунистички и алибичен допир со реалните процеси, нема тука никакви екстраполации подалеку од првото ќоше, грозота.
Но, тоа е.
Како вика Хер Флик, што си сеел тоа ќе жнееш.
Од друга страна го имаме срањето на овие што тргнаа да се тепаат со Заев. Тие не забележуваат дека напукнува тлото на кое се трескаат од земја, како којоти во цртаниот филм за птичка тркачица, дека учествуваат во изместувањето на самата основа на конфликтот, дека тие ја изместуваат, и дека доктрината сé да иде у курац ако јас мислам дека сум ебаната странка, не е најпаметната опција.
Понеже, малите народи немаат своја историја (Срѓа Поповиќ), паметно ќе се однесува не оној што ќе го брани тоа што го нема, па уште и со оружјето со кое е најслаб, ова особено се однесува на Македонците, туку со ослушување на моторите на големиот танкер на процесите, со правилна проценка кон која оаза има кренато слонот на историјата, и со отсуство на срам и страв да му се качиме на вратот и да стигнеме на поилото.
Сите права се задржани. Тесктот е личен став на Авторот.