пишува: ПЕРО АРСОВСКИ / ЦИВИЛ МЕДИА
Како што се ближеше вчерашниот ден, притисокот од меѓународната заедница врз Бугарија растеше, како и нашиот оптимизам и за миг ми се стори дека може и да се случи чудо.
Хм, некако не ми се допадна таков епилог.
Прво, ќе беше тоа наша победа извојувана со помош на ЕУ, во исполнувањето на нејзината стратешка цел, врз притисок на членката Бугарија, по нејзиното прво вето. Ни едно од прашањата кои ги загатнаа двете комисии на историчари не е решено, како ни нашата црвена линија.
По совет на нашите пријатели од Брисел, во насока на смирување на првите бурни реакции и говор на омраза по првото вето и оптимизмот на Заев, помислив дека чудо може да се случи.
Сега ми е полесно. Некако почисто и појасно, брате. Бугарите останаа на својата стара позиција на аспиранти за присвојување на сé што е македонско (јазик, територија, држава), ние ја покажавме својата граница (црвена линија), а на демонстрантите им избивме клучен адут од раце (денес слушам дека не сме попуштиле по нивна заслуга).
Сакам да кажам дека ми лекна зашто проблемот не го тутнавме „под тепих“. Тој останува таков и уште еднаш ја покажа бедата на сите бугарски раководства во лажното гушкање и признавање, братимење и помош, сé за цел да го намалат отпорот кога ќе ја воспостават сметката.
Сега позициите се тие, нема лага. Ние и вака имаме многу работа дома и секое справување со корупцијата, судството, правдата, криминалот многу побрзо ќе нé доближи до Европа, од сто акти на согласност од драгиот ни сосед.
Сите права се задржани. Тесктот е личен став на Авторот.