Државниот санитарен и здравствен инспекторат утре ќе спроведе инспекциски надзор за околностите за смртта на 28-годишниот пациент од Скопје, кој почина на 8 декември од ковид-19, соопшти денеска директорката на ДСЗИ, Ирина Сотирова-Бухова, пренесе 360 степени.
Одговарајќи на прашање на денешната прес-конференција, таа посочи дека вонредниот инспекциски надзор, како и секогаш, го опфаќа целокупниот пат на лекување на пациентот – од неговиот матичен доктор до установата каде што починал.
Досега ДСЗИ има иницирано вкупно 25 вонредни надзори за сите, условно речено, помлади пациенти, од кои три само од последнава недела.
За поголем дел од овие вонредни инспекциски надзори, Бухова рече дека веќе имаат иницирано стручен надзор до Министерство за здравство и Лекарската комора. По нивно завршување, ќе дадат поконкретни одговори во однос на тоа дали имало лекарски пропуст или пропуст во лекувањето.
„Во овие 8-9 месеци наназад таму каде што имаме констатирано недостатоци сме изрекувале веднаш мерки со решенија. Во однос на пропусти при лекувањето, тоа не е во надлежност на ДСЗИ, тоа го цени посебна комисија формирана од министерот или Лекарска комора, каде што учествуваат специјалисти од повеќе области“, рече Бухова додавајќи дека во изминатите 9 месеци имале само една пријава од пациент за непружање здравствена заштита на болен од ковид.