Бугарскиот европатеник и заменик претседател на ВМРО – Бугарско национално движење Aнгел Џамбаски на својот официјален Фејсбук профил објави статус со следната содржина:
„Графичко учебно помагало за македонските соросоиди од Шишман, кои сакаат да ја пуштиме Република Северна Македонија во ЕУ веднаш и без никакви услови. Ова е скопски учебник. Како ли гледаат на оваа расна теорија нивните работодавачи во странските амбасади?“
Книгата е во издание на Едиција Клеа, испечатена во 2008 година во 1.000 примероци. Како што е наведено во онлајн изданието достапно за преземање во ПДФ формат, книгата е спонзорирана од Жан Митрев и Кардиохирургија Филип Втори. На 28-та страница од книгата може да се најде илустрацијата заедно со тврдењето дека има само три крвни групи и три раси, Македониди Монголоиди и Негриди.
Во неговиот пост, со кој дезинформира за содржините од учебниците во Северна Македонија, бугарскиот европратеник Џамбаски го користи терминот „соросоиди“ за лицата кои се противат на одлуката на Владата на Република Бугарија да го попречи влегувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија. Организацијата на Евреите од Бугарија „Шалом“ во август предупреди таквите случаи се форма на говор на омраза – антисемитизам, додека во Република Северна Македонија стручњаци за човекови права укажуваат дека според стандардите на Советот на Европа користењето на тој термин е дискриминација.
Оттука, изјавата на бугарскиот европратеник Џамбаски ја оценуваме како невистинита, затоа што книгата не е во официјална употреба во македонскиот образовен систем и уште помалку претставува ,,учебник”, како што тврди тој. Кога се споменува зборот учебник, тоа значи применета литература во официјалниот образовен систем на земјата, што со оваа приватна публикација не е случај.
Извор: Вистиномер