Исклучително сум горд што како Влада ги прогласивме Осоговските Планини за заштитено подрачје, затоа што заштитата на природата значи повеќекратен бенефит за сите нас и за идните генерации, рече министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини при неговата денешна посета на Пониква.
– Го заштитуваме богатиот биодиверзитет и пределската разновидност, но отвораме и нови можности за одржлив развој на локалната економија. Осогово е посебно од повеќе аспекти, вековната интеракција меѓу човекот и природата резултира со појава на уникатни предели, а мотото на кампањата „Осогово – и лично и различно“, што го следеше процесот на прогласување за заштитено подрачје, тоа најдобро го покажува. Нашите природни вредности и богатиот биодиверзитет, во кулминација со културните традиции нѐ издвојуваат како држава со редок потенцоијал за локален, но и за интернационален туризам. Денеска, овде пред нас, можеме да видиме што значат инвестициите во еко-системите и како од тоа корист имаме сите. Се надевам дека успешната приказна за заштитено Осогово ќе биде добар пример и за другите процеси што ги водиме во моментот, истакна министерот Нуредини.
Додаде дека во тек е постапка за заштита на Водно, Матка, Студенчишко Блато и други локации во земјата, како и процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк. Тоа ќе отвори можности и пристап до фондови, ќе обезбеди инвестиции, а преку зачувувањето на природата ќе се овозможи еколошки развој за тамошното население.