Кенеди Гарсија секојдневно си ги зголемува модните ангажмани и обожавателите на Instagram и не дозволува нејзината состојба да ѝ застане на патот кон успехот.
16-годишната девојка надминала бројни здравствени предизвици за да стигне онаму каде што е сега. Кога била дете, Кенеди победила во борбата со леукемија, а ѝ биле направени и над 30 операции, од кои една на ‘рбетот.
„Таа дефинитивно надмина многу пречки. Како дете, имаше повеќе од 30 операции и леукемија. Нејзиниот пат беше тежок, но и покрај сè, секогаш имаше позитивен став и насмевка дури и кога беше премногу болна или во болка“ – вели нејзината мајка.
„Кенеди отсекогаш ја сакаше камерата и започна како модел во бутик на 6-годишна возраст. Мали продавници ѝ испраќаа облека, а таа им испраќаше фотографии. Ја создадовме нејзината Instagram страница кога таа имаше 10 години и откако нè контактираше моден агент, таа го доби првиот голем ангажман во Лос Анџелес. Ѝ се допадна секоја секунда од тоа искуство и таа беше навлечена“ – вели мајка ѝ.
Покрај ангажманите како модел, Кенеди е и танчарка.
„Пред да стане модел, нејзината прва љубов отсекогаш беше танцувањето. Започна да танцува на 5-годишна возраст откако се опорави од операцијата на ‘рбетот. Во моментов, таа е единствената со посебни потреби во нејзиниот натпреварувачки тим и создаде многу добри пријателства преку танцувањето“.
„Во текот на животот ‘експертите’ ни велеа ‘Таа никогаш нема да може…’ и секојпат таа им покажуваше ‘О да, МОЖАМ!’ со самото тоа што беше она што е. Среќна сум што ѝ сум мајка.“
„Луѓето со Даунов синдром или други попречености се како нас. Кенеди секој ден се труди да го покаже тоа на Instagram. Да покаже дека е типична тинејџерка – обожава да оди на шопинг, да си разменува пораки со пријателите, да спие до доцна, да биде со своето момче, да јаде брза храна… Ако луѓето ѝ дадат шанса, ќе откријат дека таа е одличен пријател и дека е многу забавна“ – додава мајката на Кенеди.