пишува: САШО ОРДАНОСКИ / ЦИВИЛ МЕДИА
Вистинско чудо е како СДСМ сè уште води во анкетата на Телма/МЦМС, макар и со минимална предност, пред ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на целата општествено-економска катастрофа што се истури пред прагот на оваа власт во последната, оваа, година. Не познавам никого кој не е од нешто незадоволен годинава, а сите се, во помала или поголема мера, подуплашени за сопствената (благо)состојба, за своите блиски и за општите состојби во државата. Не знам дали е некаква утеха што истото се случува насекаде наоколу, до каде ти фаќа погледот на географската карта на светот.
Од друга страна, личниот рејтинг на Заев во јавноста бележи нешто под 40% поддршка во македонската јавност. Не ме мрзеше, па земав малку да компарирам (https://morningconsult.com/form/global-leader-approval/): минатата недела, на пример, кога се систематизирани и податоците од последнава анкета кај нас, рејтингот на поддршка на шпанскиот премиер Педро Санчез е 36%, Ангела Меркел во Германија ја поддржуваат 59% од испитаниците, италијанскиот премиер Џузепе Конте ужива моментна поддршка од 56%, Борис Џонсон (кој штотуку објави трговски договор со ЕУ во рамките на Брегзит) бележи 38% поддршка, а францускиот претседател во моментов го „сакаат“ само 32% од испитаниците во Франција… Последниот податок за Бојко Борисов е од пред повеќе месеци (според анкетата на bnt.bg поддршка од 40%), но од тогаш, со оглед на аферите и протестите во Бугарија, таа сигурно е падната… За Еди Рама не успеав да најдам актуелен податок, како ни за српскиот претседател, но со оглед на убедливата победа на Вучуќ на последните избори годинава во Србија, не би се изненадил неговиот личен рејтинг во српската јавност да е повисок и од оној на Меркел.
Со други зборови, и овој меѓународен контекст, илустрира дека лично Заев значително ги натфрлува перцепциите за работата на неговата партија и на неговата Влада во нашето депресивно секојдневие. Поддршката на првите 100 дена од работата на Владата, со оценка од 2,46 (од можни 5), е далеку од импресивна и веројатно ја одразува фифти-фифти поделеноста во општеството околу оваа власт. Пораката од јавноста е јасна: Владата (и СДСМ во неа!) ќе мора да вложи уште многу енергија за да дојде до „преодната“ оценка од 3, што би бил можеби некаков одржлив политички рејтинг за стабилно функционирање во 2021 година.
Тоа ќе се види веќе напролет, кога ќе се сумираат јавните впечатоци во двете најважни сфери кои ќе ја формираат перцепцијата на јавноста: справувањето со здравствените последици од епидемијата и социо-економските последици од неа. Владата вели дека пари има (!), само ќе треба праведно да се распределат во општеството; а ќе треба да видиме дали и кога ќе има и вакцина, за власта да може напролет да се надева барем на јавна оценка „добар“, ако не и повеќе од тоа.
Најлошата вест од оваа анкета сепак се однесува на Мицкоски, бидејќи тој не успева лично да „профитира“ дури ни од традиционалната политичка поделеност во македонското општество. Едноставно, политичките рејтинзи во Македонија се лоши, но оној на Мицкоски ја надминува можноста некогаш да се поправи. Ако на волкаво, долгогодишно персонално плукање по Заев, Мицкоски губи со речиси 12% разлика во личните споредбени рејтинзи, можеби на Мицкоски му е дојдено крајно време да се запраша зошто својата партија со голема тврдоглавост ја препушта на милост и немилост на пораснатиот рејтинг на радикалната политичка агенда и водачот на Левица?
Оти, кога во оваа анкета „математички прецизно“ ќе ги соберете рејтинзите на сите политички партии и нивните коалиции во власта и опозицијата (со големиот „резервоар“ од 40-тина проценти од испитаниците кои по различни основи се разочарани, збунети или незаинтересирани да дадат одговор), тие речиси точно го одразуваат постоечкото мнозинство од 2-3 пратеници на власта во Македонското собрание. Но, дури и ако власта не се подобри во 2021 година, од тоа тешко дека ќар ќе има ВМРО-ДПМНЕ.
Всушност, и овие анкетни трендови покажуваат дека, вака како што ја тера нејзиното раководство, од најголемата опозициска партија многу малку зависи промената на расположението во македонската јавност. Адутите се, примарно, во „ракавите“ на власта, особено кај СДСМ – доколку тие потфрлат, аирот ќе го види некој друг, но не ВМРО-ДПМНЕ.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.