Со промената на власта во 2017 година, и за медиумите, и за граѓаните се случи преврт во медиумскиот етер. Денес, за пробивот на вести и за привлекувањето на интересот на јавноста, на отворен етер подеднакво се борат и владата, и опозицијата, и бизнисите, и граѓанскиото општество. Нема веќе подредени и привилегирани медиуми, ниту нарачани вести, вели во интервју за „Локално“ националниот координатор за стратегиски комуникации и за спроведување на комуникациската стратегија на Владата, Марјан Забрчанец.
За лажните вести во медиумите вели дека тоа е глобален проблем и со него не се справува само македонското општество туку и целиот свет.
-Владата застана одлучно да се спротиставува на дезинформациите и постојано воспоставува партнерства во оваа глобална битка, со НАТО, со Фејсбук и Гугл, со независните сервиси за проверка на факти, со домашните институции, со медиумските организации и со медиумите, истакна тој.
За најавата на премиерот Заев дека ќе им се дозволи на општините и на јавните претпријатија да трошат пари во локалните и регионалните медиуми и дека тоа е лоша пракса од минатото, вели дека тука не станува збор за воспоставување на целосна доминација во медиумскиот простор, како во времето на Груевски, туку за неопходноста од реализација на кампањи од јавен интерес, согласно строго дефинирани критериуми и исклучиво според стандардите на интегритет, рационалност и неопходност.
– Неопходност е кога пред нас имаме процес на масовна вакцинација за што е потребна масовна јавна комуникација, за граѓаните да ги добијат сите информации поврзани со квалитетите и ефикасноста на вакцините, како и за начините на примање со цел заштита од КОВИД-19, посочува Забрчанец.
Во однос на тоа како Владата се справи со Ковид-кризата, вели дека таа не направила посилни и како општество, и како држава, но пред се како здравствен систем.
– Не се доведовме во состојба да нема слободен кревет за граѓаните на кои треба да им се спасува живот. Се надевам дека работите ќе одат само на подобро во пресрет на вакцинацијата, посочи Забрчанец.
Еден од најголемите проблеми се чини се заканите кон новинарите и нивната работа, откако некои од нив добиваат и смртни закани. Како да се реши овој проблем и како да се натера МВР побрзо да си ја заврши работата во гонење на овие лица?
– Нема простор ниту за закани, ниту за напади врз новинари во демократско општество како што е нашето. Првиот чекор за кој секој од нас обврзан е осудата и создавањето амбиент каде ваквите случаи не се и не смеат да бидат секојдневие, амбиент во кој тие што напаѓаат новинари се непријатели на демократијата, на слободата и на граѓаните.
Мислам дека таков амбиент е веќе создаден. Се разбира, нападите не се искоренети во целост и затоа се преземаат институционални мерки како што е иницијативата за законски измени за зголемување на казните кога станува збор за напади врз новинари, како и брзиот одговор на МВР во делот на процесирање на пријавите, било за вербални напади, преку интернет или офлајн или за физички напади врз новинарите.
За жал, голем дел од случаите затајуваат низ лавиринтите на обвинителствата – правосудните органи, а не полицијата, се тие што треба „да се натераат“ побрзо и професионално да си ја вршат својата работа – нерешените случаи со напади врз новинари се уште една потврда за исправноста на акцијата за прочустување на праовудството. Во овие услови на реформа на правосудството, многу е важно секој граѓанин, секој новинар да продолжи да биде гласен и да ги пријавува до соодветните институции евентуалните загрозувања на личните или професиоанални права.
Лажните вести се секојдневие за теми кои што се важни за граѓаните и предизвикуваат сомнежи и недоверба во институциите и во носителите на функции, но освен соопштенија и осуди не гледаме голема заложба да се казнат и да се санкционираат сторителите. Можеби на социјалните мрежи тоа не е можно, но што е со оние медиуми, пред се портали, кои таргетирано шират лажни вести, имате ли план како Влада конечно да се справите со нив?
– Феноменот Фалични вести е глобален проблем и со него не се справува само македонското општество туку и целиот свет, а особено демократскиот свет кој е под постојан напад од подземни пропагандни центри чија цел е да внесуваат страв и несигурност кај населението, да ги поткопуваат демократиите и на нечесен, манипулативен начин, на штета на јавниот интерес и добробитот на граѓаните, да шират влијанија на трети страни. Овие центри на влијанија и моќ не успеваат да ја добијат поддршката од мнозинството граѓани низ демократскиот натпревар на концепти и идеи. Кога имате ситуација како нашата во Северна Македонија со 80% поддршка за нашите НАТО и ЕУ интеграции, противниците на овие наши национални стратешки позиции посегнуваат по најопасните методи, служејќи се со манипулација и загрозување на безбедноста на населението.
Затоа, Владата застана одлучно да се спротиставува на дезинформациите и постојано воспоставува партнерсва во оваа глобална битка, со НАТО, со Фејсбук и Гугл, со независните сервиси за проверка на факти, со домашните институции, со медиумските организации и со медиумите. За жал, меѓу медиумите се појавуваат и такви кои се нарекуваат медиуми, а во суштина не се ништо друго освен алатки на дезинформаторите, односно квази-портали кои не можат да се најдат на ниту еден од регистрите на медиум кои постојат во државата и не се препознаени како професионални од ниту еден релевантен чинител од медиумскиот еснаф.
Владата на дневно ниво се справува со фаличните вести, преку својот воспоставен систем за кризни комуникации, создаден со поддршка од Британската влада, систем преку кој во многу брз рок одредена сомнителна вест се проверува и доколку истата е лажна, веднаш се дефинираат начин и канали на реакција со цел да се онезвоможи натамошно ширење.
Воведовме и активна транспарентност на институциите со цел точните информации постојано да бидат на дофат и очиглед на јавноста, со што се намалува просторот за маневар на дезинформаторите.
Наоѓањето модел за казнување е најголемиот предизик со кој се соочуваат сите демократии низ целиот свет, бидејќи ризикот од овие мерки е властите намерно или ненамерно да посегнат кон цензура или кон контролирање на делови од јаниот етер.
Ние сме тие кои заедно со стотици илјади граѓани го ослободивме општеството од стегите на режимот, ние сигурно нема да бидеме тие кои ќе посегнат кон цензура, ние тоа ниту можеме, ниту сакаме, ниту знаеме, ниту имаме намера да го изведеме.
Во делот на легислативата и казнувањето, сметам дека разрешувањето на сомнежите за кривични дела поврзани со говор на омраза ќе прати сериозна порака и до дезинформаторите. Тие, креаторите и дистрибуери на лажни вести и тоа како треба да размислат што значи да се лаже населението за каква било информација поврзана со пандемијата односно со јавното здравје.
Планот на Владата за справување со дезинформациите е широк, сеопфатен и отворен, а за нови успеси неопходно е вклучување на што е можно повеќе сојузници и поддрживачи на точните факти, на јавната и отворена презентација на аргументи и на противните на лажните вести.
Извор: Локално