– СДСМ ги подобрија односите со меѓународната заедница и тоа е факт, отворија перспективи за државата станавме членка на НАТО и тоа го гледам како многу добар чекор, рече поранешна пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, во гостувањето во „Утрински Брифинг“ на „Слободен Печат“, а ги нагласи и слабостите во економијата во здравството и образованието.
Таа истакна дека во сегашната ситуација граѓаните не гледаат перспектива во опозицијата и рече дека е потребно изборен модел со отворени листи.
„Опозицијата од друга страна не е вистински коректив на власта – критикуваат а не нудат опција. Во таква ситуација граѓаните не гледаат перспектива во опозицијата. Треба да има отворени листи за изборите и граѓаните сами да одлучуваат за кого сакаат да гласааат. Ако има помал цензус, ќе има повеќе политички партии кои ќе опфатат повеќе сектори, делови од општеството и граѓаните ќе можат да одлучат за кого навистина сакаат да гласаат.“, рече Рангелова
Говореќи за уставното име, Рангелова потенцира дека избегнувањето на користење на Република Северна Македонија нема да не направи поголеми Македонци и дека таа го користела од собраниската говорница.
„Република Северна Македонија е нашето официјално име. Во Собрание секогаш кажував Република Северна Македонија, и ние не можеме да се лажеме дека не сме Република Северна Македонија, тоа е исто како да кажеме сега надвор не е облачно, a тоа е факт. Избегнувањето на користењето на терминот нема да не направи повеќе Македонци, тоа е факт.“, рече Рангелова во гостувањето во „Утрински Брифинг“, на „Слободен Печат“.
Ј. Ѓорѓиоски