„Ја чувствувам ВМРО-ДПМНЕ како своја партија, но не се согласувам со начинот и практикувањето на политиките во овој момент во партијата. Ред бојкотирање, па ред губење избори, па пак бојкотирање не носи успех за една политичка партија. И не е здраво за власта. Со толку слаба опозиција нема добро владеење.“, рече поранешна пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, во гостувањето во „Утрински Брифинг“ на „Слободен Печат“
Таа се осврна и рече дека не се согласува со отпорот на пратениците од опозицијата во време на корона-криза да се работи од дома.
„Не се согласувам со тоа што опозицијата сега проблематизира за работа од дома на пратениците од Собранието и не мислам дека тоа е начинт за да се натера власта да обезбеди кворум. Треба да се адаптираме на актуелната здравствена состојба и треба пратениците да може да работат од дома.“, рече Рангеловаа.
Рангелова, блокадата од страна на Бугарија, ја оцени како непринципиелна и неправедна и се надева дека после изборите во Бугарија ќе се најде решение.
„Ова што се случува во моментов од страна на Бугарија е непринципиелно кон нашата држава, заради тоа што тие еден ден не негираат и не провоцираат, а друг ден донираат… и тоа е непринципиелно за држава којашто вика дека ни е пријателска и братска. Моето размислување е дека не е проблем идентитетот и признавањето на македонскиот јазик, туку се изборите коишто ги очекуваат Република Бугарија. Кога нема економиј и е лош стандардот на граѓаните тогаш за жал многу од балканските држави прибегнуваат кон националистичка реторика за да го скренат вниманието и граѓаните да се занимаваат со друго прашање. Очекувам дека после изборите во Бугарија ќе се најде решение.“, истакна Рангелова.
Говорејќи за ЕУ перспективите Рангелова вели дека ЕУ треба повеќе да се ангажира и да ни помогне, ја истакна поддршката од САД и Стејт Департментот на патот за ЕУ интеграциите и се надева на разум кај бугарскиот врв.
„Мислам дека е неправедно нашата држава после влогот што го дадовме со промената на уставното име, повторно да биде во чекалната на портите на Европската Унија. ЕУ треба повеќе да се ангажираат и да ни помогнат. Добро е што добиваме поддршка од Стејт департментот. Се надевам дека ќе надвладее разумот кај Захариева, Каракачанов и кај Борисов и ќе сватат дека ако се наши пријатели треба да го откочат процесот.“, рече Даниела Рангелова, во денешното гостување во „Утрински Брифинг“ на „Слободен Печат“.
Ј. Ѓорѓиоски