„Подготовката на пописот се одвива врз основа на научени лекции и грешки од минатото, пред се од неуспешниот попис во 2011 година кога целата операција беше политичка наместо статистичка. И тогаш политичарите одлучуваа за пописот што се покажа како лош пример. Овој концепт сега ги избегнува политичките влијанија, затоа што сакаме сакаме веродостојни статистички податоци. Се што правиме, правиме по европски стандарди, според Еуростат, и методологијата според која ќе се спроведе е европска исто, а пописот ќе го спроведат стручни лица. Пописот мора да биде, од секој дом, од секој стан, од секој граѓанин, валиден, поинаку не можеме да си дозволиме.“- истакна министерот за правда, Бојан Маричиќ, во интервјуто за телевизија Канал 5.
Според него обидот за партизирање на пописот е неразумен и штетен со крајна цел да има помалку етнички Македонци.
„Неразумно и штетно е зошто некоја политичка партија го партизира пописот, зошто го политизира, пописот не се избори, и не е добро никој да го бојкотира. Јас не гледам друг ефект од бојкотот, освен да има помалку етнички Македонци.“- изјави министерот за правда.
„Сосема е валидно за држава која со години го има исселувањето како феномен да сака да знае колкумина сме тука, колкумина живееме во државата, но и да знаеме колкумина заминале, односно каков е трендот на исселување по градови, за да можеме да интервенираме и да можеме да креираме политики по одредени места и региони. Ако ние имаме вистинска желба да ги добиеме точните резултати на тоа колку имаме резиденти дома, и колку се нерезидентни, тогаш се ќе биде во ред. Се е до тоа колку сакаме да имаме веродостојни податоци.“- изјави министерот за правда Бојан Маричиќ во вестите на Канал 5.
Објасни дека целиот процес ќе заврши со парафирање со потписите на двајцата директори во Заводот за статистика за да нема никаков сомнеж околу идни проблематизирања на резултатите, односно на целиот процес со пописот.
„Нам ни треба попис за да бидеме нормално држава. Двајцата директори се искусни и професионални и двојниот потпис на крајот е само гаранција за непроблематизирање на пописот“- истакна Маричиќ.