Судскиот совет во среда ќе одлучува за можно разрешување на судијка поради манипулации со делењето на предмети. На дневен ред за работа има точка со која е предвидено да се утврди одговорноста на судија, без да се соопштат повеќе детали. Според извори на ТВ24 се работи за поранешна в.д претседателка на Кривичниот суд во Скопје за која ќе се оценува дали нестручно и несовесно работела кога подготвувала распоред на судии и одлучувала кој колега што ќе суди.
Неофицијално постои сомнеж за местенки со распоредот на судии кои не работеле под нејзин диктат. Официјално од Судскиот совет не се открива ништо.
„Тоа што е предвидено во распоредот за работа останува, повеќе информации не смеам да соопштам, премногу е рана фаза на постапката, треба да се одлучува допрва“ – вели Киро Здравев – претседател на Судски совет.
Информациите на ТВ24 се дека судијката се уште работи во судот, но не суди во кривичното одделение. Пред да биде прераспределена судеше еден од случаите во кој беше обвинет Никола Груевски и своевремено донесе решение со забрана за користење на бомбите во судница.
Кога предмтите на СЈО стигнаа во судот, таа беше обвинувана за злоупотреби на распоредот, а осуммина колеги приговараа и добија одлука од нивна корист од Врховниот суд поради прераспределбата.
Досега поради злоупотреби на АКМИС системот и местенки со судските предмети е осуден поранешниот претседател на Кривичен, Владимир Панчевски.
Извор: ТВ24