Граѓаните на земјава се поделени околу прашањата дали би се вакцинирале против Ковид-19 и дали сметаат дека заканата од коронавирусот е претерана, покажуваат резултатите од истражувањето на „Брима Галуп“ спореведено со телефонска анкета со репрезентативен примерок од 500 испитаници.
На прашањето „ако има нова вакцина за коронавирусот (Ковид-19) и стане јавно достапна и се смета за безбедна и ефикасна, јас би ја примил/а“, 49 отсто од испитаниците во земјава одговориле негативно, односно 23 проценти „не се согласуваат“, а 26 отсто „воопшто не се согласуваат“ со оваа изјава, додека 40 проценти дале потврден одговор, односно 16 отсто „целосно се согласуваат“, а 24 проценти „се согласуваат“. Само 12 отсто од испитаниците немаат конкретен став за ова прашање.
Истата поделеност постои и околу прашањето „дали сметате дека заканата од Коронавирусот е претерана?“. Така, 49 отсто од испитаниците во земјава сметаат дека „заканата е претерана“, ист процент сметаат дека „заканата не е претерана“, а 2 отсто одговориле „не знам“.
Македонските граѓани опфатени со анектата биле прашани и за нивно мислење „што би сторило мнозинството од населението во нашата земја, ако новата вакцина за коронавирусот стане јавно достапна и се смета за безбедна и ефикасна?, при што 28 отсто одговориле дека „мнозинството граѓани ќе се согласат да ја примат вакцината“, 32 проценти дека „нема да се согласат“ и 36 отсто дека „граѓаните ќе бидат неодлучни“.
Во однос на личната подготвеност на испитаниците за вакцинирање воопшто и влијанието на пандемијата на коронавирус врз нивната подготвеност да се вакцинираат, 39 отсто одговориле дека глобалната пандемија „ја зголемила нивната подготвеност да се вакцинираат“, односно кај 13 проценти „многу ја зголемила“, а кај 26 отсто „донекаде ја зголемила подготвеноста“, додека од друга страна, 26 проценти се изјасниле дека „пандемијата ја намалила нивната подготвеност да се вакцинираат“, односно за 13 отсто „донекаде ја намалила нивната подготвеност“, а за други 13 проценти „многу ја намалила“. Дури кај 34 отсто од испитаниците влијанието на пандемијата не го променила нивото гледиште за вакцините.
Во однос на прашањето „дали би рекле дека глобалната пандемија на коронавируотс (КОВИД-19) ја зголеми подготвеноста на граѓаните да се вакцинираат, ја намали или остана непроменета?“, 43 проценти од испитаниците сметаат дека пандемијата влијаела за зголемување на нивната подготвеност да примат вакцина, кај 29 отсто ја намалила подготвеноста, а за 20 проценти од граѓаните во земјава пандемијата не влијаела да го сменат својот став за примање вакцина
Дури 76 проценти од анкетираните би ги жртвувале своите човечки права доколку тоа помогне да се спречи ширењето на вирусот. Од испитаниците 35 отсто „целсоно се согласуваат“, а 41 процент „се согласуваат“ со изјавата „би ги жртвувал своите човечки права доколку тоа помогне да се спречи ширењето на вирусот“. Од друга страна, 21 процент не се согласуваат со оваа изјава, односно 18 отсто „не се согласуваат“, а само три проценти „воопшто не се согласуваат“. Три отсто од испитаниците биле без одговор на ова прашање.
Граѓаните на земјава се поделени во своите ставови и за прашањето „дали Владата се справува добро со коронавирусот?“. Повеќе од половина од испитаниците или 54 отсто сметаат дека Владата „не се справува добро“, 44 проценти имаат позитивен став на ова прашање, односно 8 отсто од испитаниците „целосно се согласуваат“, 36 проценти „се согласуваат“. Само два отсто од анкетираните не се изјасниле по ова прашање.
Во однос на ограничувањата за патување помеѓу земјите, преовладува позитивен став кај испитаниците, така што 70 отсто од испитаниците се согласуваат со овие рестрикции, 27 проценти не се согласуваат, а три отсто не дале свој одговор.
На глобално ниво, анкетата покажува дека луѓето се уште се мобилизирани против заканата од Ковид-19, со надеж дека вакцините ќе дадат резултати. Во споредба со минатата пролет, опасноста од болеста исто така се смета висока, но сега на луѓето ширум светот им изгледа малку претерана. Ставовите кон вакцините се прилично позитивни, иако сенката на сомнеж се уште е значителна, дури и преовладува во голем број земји. Ограничувањата за патување се широко прифатени како средство за борба против пандемијата, а жртвувањето на човековите права, исто така, не се без критики. Поддршката на владите за справување со пандемијата со Ковид-19 сè уште е висока, но полека опаѓа.
Истражувањето опфатило 47 земји низ светот и околу 45 000 возрасни граѓани, што претставува околу две третини од глобалното население. Анкетата е спроведена од октомври до декември 2020 година. Маргината на грешка за истражувањето е од 3 до 5 отсто на 95 проценти ниво на доверба.
Според претседателот на Mеѓународната асоцијација „Галуп Интернејшнл“, Канчо Стојчев, светот ја прифати таканаречената „нова нормалност” родена за време на тековната корона-криза, при што најголема жртва е системот на западни вредности.
– Демократијата е на коцка. Авторитарните режими се чини дека се поефикасни во борбата против пандемијата. Повеќето од западните влади имаат тенденција да го следат пристапот на Пекинг, а потоа на Стокхолм во нивните обиди да го запрат ширењето на болеста и потоа се прашуваат зошто не успеваат. Човековите права во меѓувреме се топат како пролетен снег пред дилемата слобода или живот. Ова сепак може да звучи шпекулативно во однос на жртвите на генерации во епската историја на борба за индивидуални права за слободен избор, слободно патување и слобода на контакти. Демократијата се чини дека еволуира во болница, но сепак има шанса да се избегне тоа?, заклучува Стојчев.