Собранието на Република Северна Македонија на 31-та седница одржана за 12 јануари 2021 година не ја изгласа Предлог-одлуката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Седницата беше прекината поради немање на кворум за работа на Собранието, со што изборот на членови на институцијата повторно се оддолжи. Составот на Комисијата е утврден, се чека Собранието да го изгласа.
За членови на Комисијата беа предложени Игор Јадровски од Хелсиншкиот комитет, Неда Чаловска Димовска од Шведската развојна организација, Лимко Бејзароски, вработен во МВР, а поранешен член на Комисијата за лустрација; Ирфан Деари, лекар специјалист од с. Боговиње, Кире Василев од МТСП, Исмаил Камбери од Институтот за европска политика и Весна Бендевска, психолог од Битола.
Фронтлајн.мк разговараше со долгогодишната активистка и борка за човекови права и слободи, Мерсиха Смаиловиќ која беше дел од 44-те кандидати кои аплицираа да станат дел од КСЗД.
Фронтлајн: Како ќе го оцените процесот на формирање на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација?
Смаиловиќ: Изгласувањето на законот помина низ турболентен период, оваа година повторно се изгласа Законот за спречување и заштита од дискриминација. Законската процедура за избор на Комисијата, започна согласно словото.
Беше распишан јавен оглас, биографиите на кандидатите беа јавно достапни. За жал, мнозинството во собраниската комисија одби административна проверка на кандидатите, каде ќе отпаднеа добар број на кандидати кои не исполнуваа некои од условите како што се минимум 5 години работно искуство во антидискриминацијата.
Фронтлајн: Годинава првпат аплициравте да бидете дел од Комисијата, но, не станавте дел од истата. Сметате ли дека изборот е фер, односно „според заслугите и сработеното“ на сегашните членови?
Смаиловиќ: За првпат аплицирам за носителка на јавна функција, бидејќи сметам дека антидискриминацијата и борбата за еднаквост се нешто кое со години го правам. Според биографиите на избраните членови можеме да бидеме задоволни дека половина од избраните членови ги исполнуваат условите, но и на сите нас ни се познати како искусни борки и борци.
Многу ми е драго што со својата професионалност ќе влијаат позитивно во Комисијата. Но, секако не можам да се помирам со изборот на лица кои немаат никакво видливо искуство во борбата против дискриминацијата.
Дополнително, нивното моментално ангажирање на позииции во власта може да влијае негативно врз транспарентноста на Комисијата, а и професионалноста која бара непартиско постапување.
Комисијата нема ниту родов баланс, иако доминираа жените кандидатки, со извонредни биографии, сепак, само две од нив влегоа во Комисијата.
Нови членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Фронтлајн: Кој е Вашиот коментар за работата на Комисијата до сега?
Смаиловиќ: Комисијата одамна не е активна. Со изгласувањето на Законот првиот пат во 2019 година тие престанаа со свое функционирање. Но, и претходниот состав на Комисијата имаше мнозинство членови кои беа предложени од партиите, без искуство на полето на човековите права.
Секако дека мнозинството на несоодветни членови влијаеше на непрофесионално работење и непостапување на бројни претставки од страна на граѓаните.
Моето искуство со Комисијата на полето на слободата на верските права, вродила со позитивно мислење од нивна страна. Но, сепак бројни моменти на дискриминација останаа без реакција на тогашната Комисија.
Фронтлајн: Сметате ли дека сегашниот состав на Комисијата ќе постигне некаков напредок во заштитата од дискриминација во земјава?
Смаиловиќ: Секако дека можеше да биде подобар изборот на Комисијата, но сега се надеваме дека и моменталниов состав ќе ги исполни нашите очекувања. Повеќето кандидати се појавија на јавното претставување каде беа и испрашувани од пратениците. Ретко кој беше соочен со фактот дека не ги исполнува условите.
Пратениците кон сите кандидати имаа дипломатски однос, освен кон мене. Пратеничката од опозицијата ме обвини дека јас не сум достојна да бидам членка на Комисијата и слични забелешки. Беше прекината од претседателот, но откако го даде целото воведно обвинување.
Сметам дека сум дискриминирана во однос на другите кандидати кои не беа јавно прозвани заради немањето искуство или сличен недостаток кој ги прави недостојни за Комисијата. Но, ова не е единственото разочарување.
На 5-ти јануари според распоред на Сообранието беше одржана седница на Комисијата за избори и именувања за Утврдување предлог листа за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, но за жал нема никаков записник од седницата ниту може да се види материјалот.
Сето тоа го доведува во прашање процесот на одлучување за избор на членовите. Дали е направен список вон процедурите, како се вршела елиминацијата на несоодветните кандидати. Самиот крај за избор на членови ја фрли во сенка транспарентноста која претходно се воспостави.
Фронтлајн: Дали законската рамка е доволно широка?
Смаиловиќ: Некои од членовите на комисијата работеа на пишувањето на Законот. Посебен момент беше поставувањето на широка законска рамка на заштита, на секоја карактеристика која е присутна во нашата држава.
Новиот Закон, ги пополнува сите недостатоци кои ги имаше претходниот Закон за спречување и заштита од дискриминација. Дури и Законот и дава овластувања на Комисијата да покренува судски постапки со што еден чин на дискиминација може целосно да биде покренат и завршен од страна на Комисијата.
Сега чекаме Собранието да го изгласа овој состав. Беспотребно е сега да се кочи нејзиното гласање, кога пратениците имаа веќе можност да влијаат на изборот на членови. Од нив бараме доследно да го завршат процесот.
*
Комисијата за заштита и спречување на дискриминација беше нефункционална од 21 август 2020 година, кога на поранешниот состав, на чело со Александар Даштевски, му престана мандатот.
Од невладините огранизации „Мрежа за заштита од дискриминација“ и „Маргини“ бараат Собранието итно да го изгласа новиот состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) за да може да почне со работа, затоа што, како што велат, граѓаните од август 2019 година немаат достапен механизам за заштита од дискриминација.
За потсетување, со 70 гласа „за“ Собранието на 27 октомври го донесе Законот за спречување и заштита од дискриминација. Со законот кој е едно од клучните барања и на Европската Унија, треба да се обезбеди принципот на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слободи.
Измените предвидуваат членовите на КСЗД да ги предлага посебна Комисија за селекција, составена од седум члена – по два пратеника од власт и од опозиција и тројца претставници од граѓанското општество, наместо тие да бидат на предлог на собраниската Комисија за избори и именувања.
За член на Комисијата може да биде избрано лице кое е државјанин на РС Македонија, да има стекнато 240 кредити според ЕКТС и има минимум седум години работно искуство во областа на човековите права, од кои пет години во областа на еднаквост и недискриминација, во моментот на изборот со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна затвор од над шест месеци или забрана за вршење на дејност или должност и да не е носител на функција во политичка партија.