Државниот инспекторат за животна средина на последната контрола направена во дрвниот комбинат Фагус во Пехчево, констатирал дека двете котлари што согоруваат отпаден дрвен материјал од технолошкиот процес потенцијално емитираат прашина и штетни гасови и не се вршени мерења од акредитирана лабораторија.
„На ден 26-ти јануари 2021 година, инсталацијата Фагус беше предмет на надзор по претставка на граѓани. Утврдено беше дека двете котлари што согоруваат отпаден дрвен материјал од технолошкиот процес потенцијално емитираат прашина и штетни гасови и дека досега, спротивно на обврските утврдени со одобрениот Елаборат за заштита на животната средина, не се вршени мерења од акредитирана лабораторија. За да се спречат емисиите во воздухот, ќе се спроведат соодветни мерења во присуство на надлежен инспектор и доколку има надминувања, ќе се утврдат потребните мерки. Постапувањето со отпадот на локацијата исто така треба да се подобри.“, соопштуваат од државниот инспекторат.
Тие истакнуваат дека ова не е во нивна надлежност, но се вклучуваат заради недоволно постапување од овластениот општински инспектор
„Надзорот на оваа инсталација не е во надлежност на Државниот инспекторат за животна средина, но се вклучуваме заради недоволно постапување од овластен општински инспектор. Откако субјектот ќе ги спроведе мерките за заштита на животната средина, надлежен општински инспектор ќе мора да продолжи да врши редовен надзор.“, велат од инспекторатот.
Ј. Ѓ.