пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Човечкиот, емотивниот и моралниот трулеж на „Јавна соба“ е, за жал, само врвот на гнилата санта, драги мои.
Таа е само видлив симптом и резултат на новиот “морален код“, во кој со години се „инвестираше“, преку деградирање на образованието, медиумите, институциите, културата, општествените и семејните односи, окупацијата на незнајковците и насилниците во повеќе области во нашето општество…Добро ги знаеме и „инвеститорите“, а го гледаме и учинокот.
Деновиве гледаме и читаме за едно од најгрдите лица на оваа човеколикост што сака да ни се продаде како нормалност, „слобода на говор“ (пази бога ти, ова слободава на говор ептен популарна стана), а која се манифестира во отсуство на елементарна човечност, агресија, насилство, простаклук и ниски страсти.
Секојдневни жртви се жени, девојки, луѓе од ранливи категории, луѓе со поинаква сексуална, политичка, етничка, верска припадност, луѓе познати и непознати…Било кој што е „мета“ или „тема“, што размислува, изгледа или се разликува по било што од „посакуваниот“ модел на човек според новиот „морален код“ – садист, насилник, ненаситник, саможивник, кој во потрага по задоволување на своите страсти не застанува пред ништо, освен – пред поголем „манга“ од него.
За жал, овие ликови ги среќаваме сè почесто и секојдневно, секаде околу нас, во кој било облик на вербална и невербална комуникација. Во автобуси, маркети, кога чекаме ред, по институции, во болници, на улица, на семафори…На нормални луѓе им станува незгодно да шетаат нормално низ град, да не случајно, како јагнето, му заматат вода на некој ваков волк.
Охрабрува тоа што деновиве, како ретко кога, видовме одлучна институционална акција за борба против гнилежот од „Јавна соба“, баш онака како што се справуваат развиени општества кон кои стремиме.
Но, останува фактот дека ова е само врв на една опасна санта со гнили и трули вредности што го окупира и го гуши секојдневно нашето општество. Справувањето со последиците не го решава проблемот со целата санта.
Во секоја области од нашето живеење имаме „јавни соби“, полни со лудаци. Или ќе го решиме проблемот како општество, онака како денес, со одлучна акција, или да очекуваме животот и општеството се повеќе да ни стануваат „јавна соба“.