Група актери заеднички излезе од плакарот откривајќи дека биле предупредени да ги чуваат во тајност нивните идентитети за да напредуваат во кариерата.
185 актери во Германија направија „каминг аут“ како геј мажи, лезбијки, бисексуални, квир, небинарни или трансродови лица во статија објавена во магазинот Süddeutsche Zeitung во петокот, 5 февруари 2021 г., пренесува PinkNews. Тие објавија заеднички манифест во кој повикуваат на повеќе ЛГБТ+ ликови на екраните, а исто така бараат промена на ставовите кон ЛГБТ+ актерите во индустријата.
„Досега не бевме во можност да зборуваме отворено за нашите приватни животи без да стравуваме од професионални последици“, велат актерите во манифестот. „Многу често, многумина од нас беа предупредувани – од менаџерите, кастинг агентите, колегите, продуцентите, режисерите итн. – да молчиме за нашите сексуални ориентации и родови идентитети за да не ги загрозиме кариерите“.
Решиле да се здружат за да стават крај на таквите дискриминаторни ставови.
На германските актери им било кажано дека ќе изгубат улоги ако направат „каминг аут“ како ЛГБТ+
„Ни беше кажано дека ако откриеме одредени аспекти од нашите идентитети, имено нашите сексуални и родови идентитети, одеднаш ќе ја изгубиме способноста да портретираме одредени ликови и врски. Небаре сознанието кои сме во нашите приватни животи некако ќе ја поништи нашата способност убедливо да ги отелотворуваме улогите за публиката“, додаваат тие во манифестот.
Понатаму, групата актери го поздравува и слави фактот што германското општество е сѐ поразновидно, но велат оти тоа е „сѐ уште малку рефлектерирано во нашите културни наративи. Нашето општество е одамна подготвено. Публиката е спремна. Нашата индустрија треба да се залага за заедништво и да го отсликува општеството во сиот негов диверзитет“. Тие здружено ќе се борат за поголема видливост и диверзитет во германскиот културен пејсаж, телевизија, филм и театар.
Шест од групата актери разговарале одделно со Süddeutsche Zeitung за нивните искуства навигирајќи низ световите на филмот, телевизијата и театарот додека истовремено се труделе да ги држат во тајност нивните квир идентитети.
„Реалноста на екраните треба да биде разновидна како што е во реалниот живот“, вели Ева Мекбах, позната германска актерка која играше во култната серија „Tatort“ (Местото на злосторството). „Општеството е пошироко и поразновидно отколку што си мислат носителите на одлуки“. Карин Ханчевски, која исто така има играно во „Tatort“, вели: „Кога зборувавме за тоа како група, одеднаш ни стана јасно дека ова е начинот на кој можеме да промениме нешто – како група, како голема група“.
Заедно, актерите ја лансирале кампањата „#ActOut“, која ги охрабрува другите во индустријата да истапат за да побараат промена и еднакви можности за ЛГБТ+ актерите. Заследете ја нивната иницијатива на социјалната мрежа Instagram.
извор qs.mk