Судскиот совет денеска ја изгласа новата претседателка на Врховниот суд. Судијката Беса Адеми беше избрана со 12 од вкупно 13 гласа.
Адеми е врховна судијка нешто помалку од 12 години а амбиции за местото претседател на Врховен суд имаа уште двајца нејзини колеги. Таа стана врховна судијка во јули 2009, а области на кои работи, како што е наведено на официјалната веб-страница на судот, се: Оддел за граѓански дела, Специјализиран совет по жалби против одлуки на Управен суд и Оддел за судска практика.
Адеми е од Скопје и има 57 години. Кариерата ја започнала во 1990 како приправник-волонтер во тогашниот Окружен суд во Скопје. Во меѓувреме, во 1993 положила правосуден испит, а една година подоцна станала и стручен соработник во судот.
Од 1999 до 2004 година таа го напушти судот и работи како заменик-јавен правобранител во Република Македонија. Од оваа позиција, Адеми се сели во Апелацискиот суд во Скопје каде работи како судијка по предмети во граѓанскиот оддел, а пет години подоцна следува и нејзиниот избор за врховна судијка.
Ова не е првпат Адеми да конкурира за позицијата. Таа беше кандидатка и кога во 2017 Судскиот совет за претседател на Врховен го избра Јово Вангеловски. Лани, пак, судијката беше на чело на Советот на жалби кој правосилно го разреши Вангеловски, пренесува 360 степени.
Тој беше разрешен поради несовесно вршење на функцијата, како еден од судиите кои го „ослободија“ бизнисменот Сеад Кочан од притвор и му овозможија да се брани од слобода, во момент кога тој беше во бегство. Првостепената одлука за разрешување ја донесе Судскиот совет на седница одржана на 10 септември 2019 година, а Вангеловски потоа имаше прво на жалба до Советот за жалба во Врховниот суд, кое право и го искористи. Тој Совет за жалби беше формиран на 3 јануари 2020, а во неговиот состав, покрај Адеми како претседателка, беа и: Африм Фидани – судија известител, Цветанка Периќ, Мирјана Радевска-Стефкова и Стојанче Рибарев.
Судијката Лидија Неделкова, која претходно беше претседателка на овој суд, како и судијата Џемаил Саити, кој од 2012 е врховен судија, а воедно е и претседател на Здружението на судии.
Адеми доаѓа на местото на в.д. претседателот Фаик Арслани, кој беше назначен по разрешувањето на Јово Вангеловски.