Научниците од Оксфорд ќе спроведат клиничка студија за да утврдат дали вакцината на АстраЗенека делува кај децата и младите. Некои деца, како што се вели, би можеле да профитираат од вакцина.
Вакцината против коронавирусот, која ја развија АстраЗенека и Универзитетот Оксфорд, би требало да биде тестирана на 300 доброволци на возраст од 6 до 17 години.
„Важно е да се утврди како децата и младите реагираат на вакцината, затоа што некои деца би можеле да профитираат од вакцина“, изјави Ендру Полард од Универзитетот Оксфорд.
Најголемиот дел од децата не се разболуваат од коронавирусот. Првите тестови за ефикасноста на вакцината на АстраЗенека врз деца и млади би требало да почнат уште овој месец. Притоа, околу 240 деца ќе ја добијат вакцината, а остатокот ќе добие средство за контрола.
Заменикот медицински советник на британската влада Џонатан Ван-Там неодамна изјави дека во моментов се во тек повеќе студии со цел да се развие вакцина за деца. Според здружението на педијатри Royal College of Paediatrics and Child Health, Ковид-19 може да доведе до тешко заболување и смрт и кај децата, но тоа е многу ретко. Се потенцира дека е јасно оти смртноста поради Ковид-19 кај децата е многу помала отколку кај постарите лица. Што се однесува до улогата на децата при пренесувањето на коронавирусот, сè уште нема прецизни сознанија и нема цврсти докази дека децата се позаразни од возрасните.