До овој момент меѓу 40 и 50 високи функционери во државата, од службите до политиката, имаат добиено НАТО сертификати, а уште стотина се во процедура да добијат. Ниту еден политичар на локално или централно ниво нема добиено негативно решение, вели претседателот Стево Пендаровски, а пренесе Радио Слободна Европа.
„Вториот мит – ако НАТО не сака да ти даде безбедносен сертификат, секојпат ти дава писмен одговор – вашето барање е одбиено, тоа што го споменуваа Оливер Спасовски, Маричиќ… Tакво нешто до сега нема добиено ниту еден политичар на локално или централно ниво.Никој политичар нема добиено негативно решение, или да е формално одбиен од НАТО“, вели шефот на државата во гостувањето на емисијата Стадиот на Канал 77.
Инаку темата за НАТО сертификатите се актуализираше поради тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека двајца министри- првиот човек на МВР Оливер Спасовски и министерот за правда Бојан Маричиќ не добиле сертификати.
И двајцата негираа, а директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации Стојан Славески за Радио Слободна Европа изјави дека 200 од 300 за кои поднеле барање досега добиле безбедносни сертификати за работа на класифицирани информации. Славески додаде дека досега десетина лица од македонските институции се одбиени поради постоење одредени безбедносни пречки.