Научниците од Светската здравствена организација (СЗО), кои во Кина го испитуваат потеклото на новиот коронавирус откриле податоци дека првичната зараза во Вухан, во декември 2019, била многу поголема отколку што претходно се мислеше, пренесе Си-Ен-Ен.
Тие сега итно бараат пристап до стотици илјади примероци на крв од кинескиот град за кои сè уште не добиле дозвола да ги проучат.
Водечкиот научник на мисијата на СЗО, Питер Бен Ембарек, кој штотуку се вратил во Швајцарија од Вухан, изјавил дека нашле повеќе знаци дека заразата во 2019 била многу поширока, за првпат откривајќи дека веќе во декември имало преку 10 различни соеви на вирусот во Вухан.
Овие нови информации од нивната мисија само ги потврдуваат дел од тврдењата на светските научници дека првично заразата се ширела многу подолго во Кина отколку официјалниот почеток – од средината на декември.
„Бидејќи веќе претходно имало генетска разноликост на САРС-КоВ-2 примероците од Вухан во декември 2019, веројатно е дека вирусот циркулирал подолго време отколку само тој месец. Овие податоци се совпаѓаат со други анализи дека вирусот се појавил кај луѓето пред декември 2019 и дека постоел период на прикриена трансмисија пред за првпат да биде откриен на пазарот во Хуанан“, вели професорот Едвард Холмс, виролог од Универзитетот во Сиднеј.
Бен Ембарек изјави дека тимот се надева дека ќе им биде дозволен пристап до биолошките примероци за кои велат дека не им биле достапни при првата посета, особено илјадниците примероци на банката за крв во Вухан кои се собрани пред две години.
„Таму има околу 200.000 примероци, кои се чуваат и можат да се користат за понатамошни истражувања. Ќе биде фантастично доколку можеме да работиме со нив“, изјавил тој.
Кинеските власти повеќе пати најавија транспарентност при истрагата. Мисијата на СЗО треба да се врати во Вухан повторно пред крајот на месецов за да ја продолжи истрагата.
„Работевме заедно, две големи групи научници, цел месец. Секако, понекогаш имаше вжештени дискусии околу различни работи. Но, запомнете, ја имавме целата планета на нашите раменици 24 часа на ден целиот месец, што не ја олесни работата на научниците“, заклучува Бен Ембарек.





