„Локални избори заедно со парламентарни избори нема да има. Ја повикувам секоја партија да се изјасни јавно за тоа. Владините коалициони партнери и тие коишто го сочинуваат парламентарното мнозинство, апсолуно се на ставот дека конечно во државата треба да има редовни избори. Дојде време да се работи и да се сработи до крај затоашто секој ден секој час е важен да се сработи, а не постојано да се оди на избори.“, одговори Заев на поставено прашање на денешната прес-конференција по повод потпишувањето договор за грант од Германија наменет за обновливи извори за енергетска транзиција.
Заев нагласи дека веќе имаше предвремени парламентарни избори на кои ВМРО-ДПМНЕ изгуби.
„Еве бевме на избори, прифативме предвремени парламентарни избори на барање на опозицијата, ја утврдивме евроатлантската агенда, завршија изборите и изгуби ВМРО-ДПМНЕ. И сега треба повторно да одиме на парламентарни избори, заштошто Мицкоски така мисли, не, нема потреба и нема причини зошто да одиме на предвремени парламентарни избори.“, истакна Заев.
Тој побара од Мицкоски да престане да ја залажува јавноста за свои внатрепартиски потреби и побара ако има Мицкоски обезбедено мнозинство за предвремени парламентарни избори, бујрум нека го покаже
„Парламентарно мнозинство за одлука за предвремени парламентарни избори, нема. Ако го има Мицкоски, бујрум нека го покажи и нека ја донесат одлуката како што мислат. Мицкоски да престане да залажува за свои внатрепартиски потреби одредени нереални агенди, затоашто тоа е неодговорно и влијае врз економијата. Ќе има редовни парламентарни избори во 2024 година и тоа сите треба ад го знаат, зашто предвидливоста е важна за секој граѓанин и за секое претпријатие. Повикувам оптимистички да се гледааат процесите, да се влезе во инвестиции. Доста беше од предвремени избори, време е да одработиме како што треба.“, потенцира Заев во одговорот на прашањето на денешната прес-конференција.
Ј. Ѓорѓиоски







