Професорката Билјана Ванковска, јавно преку фејсбук објава му се извинува на професорот Љубомир Фрчкоски за изнесените невистинити содржини дека наводно професорот Фрчкоски паднал на одбраната на својот докторат во 1989 година во Љубљана.
„Денес по писмен пат добив Барање од Љубомир Данаилов Фрчкоски за јавно извинување и повлекување на објавен Фејсбук пост. Според него, во постот од 7 јануари 2021 година сум изнела невистинита содржина со која му се повредуваат угледот, честа и достоинството. Посочениот ФБ пост е сосема избришан, а со овој нов ФБ пост јавно му се извинувам на Данаилов Фрчкоски за делот во кој сум напишала дека паднал на одбраната на својот докторат во 1989 година во Љубљана.“, пишува Ванковска.
Таа понатаму наведува дека невистинитата содржина која ја напишала ја добила во личен разговор со професор од регионот и немала причина да не му верува.
„Се извинувам за непријатностите кои Данаилов Фрчкоски ги имал поради нешто што сум го пренела на непрецизен начин, а кое можеби и не е вистина, доколку мојот извор пренесувал искривена верзија на настаните. “, напиша Ванковска во извинувањето до Фрчкоски.
Ј. Ѓ.