Денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев преку видео обраќање се обрати на сите граѓани и граѓанки во име на ширењето на свеста и на едукацијата за донирање органи и ткива, дознаваме од официјалниот сајт на владата на РСМ.
-Понекогаш, пресадувањето органи и ткива е единствен метод за лекување на болните и спас за животот на некои наши сограѓани. Најголем проблем претставува недостигот од органи и ткива, кои се соодветни за пресадување и донори. Во таа насока секој од нас може да придонесе. На пример, секој од нас може да се посвети на ширењето на свеста и на едукацијата за донирање органи и ткива. Со едукација и споделување на пораката „Дарувај живот“, може секој ден да правиме по еден чекор за да помогнеме да спасиме и излечиме повеќе животи и да ја почитуваме и славиме дарежливоста и сочувствувањето на донорите, вели Премиерот.
“Не постои ништо похумано од тоа некому да му го продолжите животот, со донирање орган, а не постои поголемо охрабрување и надминување на стравовите и дилемите околу донирањето доколку сите ние повеќе зборуваме за тоа. Токму затоа за ова прашање имам разговарано со најтесниот круг од моето семејство и имам оставено аманет дека сум подготвен лично да придонесам нечиј живот да биде спасен. И на крајот, сакам уште да ги повикам сите граѓани да прифатат дека органодарителството е највисок акт на човечност и хуманост, и ја подига свеста за уште многу успешни трансплантации за излекување и за спасени животи“, додаде Премиерот.