Во предметот „Друмарина“, поранешната пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, се сомничи за измама со фискални сметки од патарина, која го чинела Собранието околу 100.000 евра. На рочиштето на 17 февруари беа сослушани повеќе сведоци од Обвинителството. Бонева со Фронтлајн сподели повеќе детали за сведочењето, врз основа на стенографските белешки со кои таа располага.
Двајца од сведоците, како со-сопственици на станoт, во своите искази зборуваа за околностите под кои го дале станот под закуп на сопругот на Бонева, додека останатите двајца, претставници на правното лице кои посредувало со зградата во која што се наоѓал тој стан, зборуваа за сопственоста и уплатите на име на нивната фирма.
Со-сопственичката на станот, на прашањето на обвинителството „Дали некогаш сте ја сретнале Бонева?“ изјави: „прв пат се видовме со Бонева кога дојдоа да го погледнат станот“, а на прашањето дали и друг пат ја има сретнато одговори „Не, комуникацијата беше меѓу мојот и нејзиниот сопруг.
На прашањето „Може ли со сигурност да каже кој од семејството Боневи живеел во станот“, одговори „ Не можам да тврдам“.
Дополнително, сведокот изјави дека договорот за користење на станот бил склучен меѓу нејзиниот сопруг и сопругот на Бонева, Александар.
Другиот со-сопственик на станот, на прашање на обвинителството „Дали на семејството Боневи е издаден станот“, пред судот изјави: „Не на семејството Боневи, туку лично на Александар Бонев. Првично во период од 3,5 години, потоа отиде Александар една година на друго место и повторно се врати и седеше он вкупно 6 години“.
На прашањето на ЈО дали ја сретнал Силвана Бонева, тој одговори: „За првпат се сретнав со Силвана Бонева кога дојдоа да го разгледаат станот. Кажаа дека он ќе седи и на нотар се сите документи. Друг пат се сретнавме пред мојата кула кога некогаш доаѓаа да платат, но почесто Александар доаѓаше сам, а кога ме викаше Александар дека му фали нешто, кога нешто ќе се расипе, па јас да го средам тоа со мајсторите, сум бил таму, но таму не живееше и не спиеше Бонева. На улица да, сум ја сретнал, но не и во станот, изјави сопственикот на станот.
На рочиштето сведочеа и претставници од правното лице кое посредувало со зградата и становите и кажаа дека не знаат дали некој од семејството Боневи биле сопственици на стан на таа адреса и дека тоа може да се види од документите што биле земени од нив.
На прашање дали во некој момент ја сретнал Бонева во зградата, станот, подрумот и слично, претставникот на правното лице сведочеше дека ја препознал како јавна личност, во таа близина, еднаш, до два пати, меѓутоа не се сеќава на точниот период на случувањата.
Судењето за случајот „Друмарина“ продолжува на 4-ти март.
Џ. Д.