Според најновите податоци, 12.74 здравствени работници примиле вакцина против Ковид-19. Имунизацијата се одвива во модуларната болница при Инфективната клиника во Скопје.
Преку веб-страницата „vakcinacija.mk“ 63.075 лица се пријавиле за вакцинација, а 39.003 граѓани преку матичен лекар, посочија вчера од Министерството за здравство.
До крајот на неделава се очекуваат и 200.000 вакцини од кинескиот производител „Синофарм“. Државата ќе порача дополнителни 100.000 вакцини „Спутник“, најави завчера премиерот Зоран Заев, кој рече дека се прават напори во земјава што поскоро да стасаат вакцини од сите производители.
Владата очекува преку КОВАКС механизмот да пристигнат вакцини од „Модерна“ и од „Астра Зенека“.
Во исчекување на новите вакцини, епидемиолошката слика и натаму стабилна, со исклучок на градовите Прилеп, Охрид и Кавадарци каде што, по појавата на британскиот сој на вирусот, се зголеми бројот на новозаразени. Според вчерашните податоци, бројот на активни случаи во Прилеп е 492, Кавадраци-466, а Охрид – 405. Во Скопје и натаму има најмногу ковид-дијагностицирани и тоа 3.018. Вкупниот број на активни случаи во државата е 6.736.
Вчера беа регистрирани нови 509 случаи од 2.813 тестирања, девет починати и 354 оздравени пациенти
Досега во земјата се направени вкупно 506.378 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 99.917, бројката на оздравени пациенти е 90.096, а на починати е 3.085.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска, на граничниот премин Табановце ќе ја пречека делегацијата предводена од неговиот српски колега Златибор Лончар, кој ќе ја предаде втората пратка од осумте илјади вакцини од компанијата „Фајзер“.
Првата пратка од Србија пристигна на 14 февруари, а на примопредавањето на донацијата од 4 680 вакцини присуствуваа премиерот Зоран Заев и српскиот претседателот Александар Вучиќ.
Преговорите за донација од 8.000 вакцини од Србија почнаа на средината на јануари.
Со вакцините на „Фајзер“ кај нас почна процесот на имунизација, првично со вакцинирање на здравствените работници. Следни за вакцинација се ризичните групи граѓани над 70 години./МИА/.