Се тече се се менува, само нејзиното величество книгата останува иста од вчера, денес и за утре. Од тука библиотеките се најбогатите ризници исти за сите генерации, непресушен вруток на исконска убавина. Во Делчево, библиотекарството има своја историја. Јавната локална библиотека ,,Илинден”, благодарение на стари фотографии и пишувани документи од анонимен учител од Берово, со името „Малеш и Малешево“, издадени од патеписецот од Јеремија, М.Павловиќ, дојде до податоци кои зборуваат за првите корени на библиотекарството во Делчево.
За пронаоѓање на овие документи, како што велат од ЈЛБ ,,Илинден”, помогнал и учителот од село Тработивиште, Димитар Кушевски. Од нив може да се види дека првата книжница, односно читална во тогашно Царево Село е основана во 1929 година.
-За ова постои една поштенска карта, како спомен за успешна работа на оваа читална. Во Царево Село, како што запишал учителот Димитар Кушевски, учителите од сутеренот на училишната зграда, направил скромна сала, во која помеѓу 1924-1929 година, каде скоро секоја сабота навечер приредувале приредби со мали драмски дела и игранки. Еден дел од влезниците, ги наменувале за набавка на весници и книги за библиотеката, во чиј состав имало и читална. Со такви активности учителите создале разонода за себе, но во исто време вршеле влијание на националната свест на населението и го подигнувале неговото културно ниво, велат од делчевската библиотека.
Училишните власти во тоа време, како што додаваат, воделе сметка и за набавка на книги за учителите и учениците, од кои го проширувале своето знаење.
-Во учебната 1928/29 година во царевоселската околија имало девет библиотеки за учителите со 1383 книги, шест за учениците со 692 книги и две народни библиотеки со 70 книги. Сосема е разбирливо што тие книги биле на српски јазик и се однесувале на српската историја и култура, бидејќи Царево Село во тоа време било под српска власт, појаснуваат од ЈЛБ ,,Илинден”.
Поголем подем библиотекарството во Делчево добива по војната преку работата на народната библиотека „Светлина“.
-Тоа е се до 1963 година, кога со решение на Собранието на општина Делчево, се основа установа за образование и културна дејност „Методи Митевски – Брицо“, со што библиотеката го губи својот самостоен субјективитет, односно се припојува заедно со Работничкиот универзитет и Кино-Брегалница.
Во седумдесетите години, библиотечната дејност почнала да се развива и по селските населби. Работата се одвивала така што со автобус библиотекарите оделе по селските населби и ја вршеле својата благородна работа.
-Олеснување и новитет бил библиобусот кој бил наменет токму за овие потреби и оваа дејност. Неговиот фонд бил околу 1000 книги што за ова време бил солиден фонд. Во 1992 година нашата библиотека успеала по пат на референдумско изјаснување да се издвои како посебна институција и се регистрира како посебен субјект Матична библиотека „Илинден“ – Делчево, истакнаа од јавната локална библиотека.
Од тогаш, до денес таа работи како самостојна институција. Од 1994 година се преселува во нови сопствени простории во Спомен домот „АСНОМ“. Од тогаш и започнува непреченото развивање и осовременување на билиотечната дејност.
Во моментот во библиотеката, како што додава директорката Биљана Петровска се врши ревизија на книжниот фонд. Со последниот попис реализиран во 2016 година во библиотеката се регистрирани вкупно 47 461 книга.
-Од тогаш до денес бројот на набавени книги е многу зголемен, а точната бројка ќе биде утврдена по завршувањето на пописот. Од споменатиот фонд на книги, клонот на библиотеката во Македонска Каменица на располагање има 14 000 книги, додека 3000 примероци од книжниот фонд заклучно во 2016 година се отстапени за потребите на библиотеката во село Разловци. Таму деновиве заврши пописот при што е утврдено дека клонот располага со вкупно 3035 книги и детска литература и литература за возрасни.
Директорката Петровска додава дека по завршувањето на пописот во Делчево ќе се реализира и ревизија на книжниот фонд во Македонска Каменица, со што очекува до крајот на годината, библиотеката комплетно да заврши оваа законска обврска.
извор: МИА