„Со инспекциите работиме заедно и на граничните премини и во внатрешните царински испостави. Соработката треба се повеќе да се интезивира и унапредува за квалитетот се повеќе да дојде до израз.“, истакна директорот на Царинската управа Горан Сугарески на денешната средба со директорот на Пазарната инспекција, Стојко Пауновски.
Ефективен надзор на пазарот е потребен за да се обезбеди заштита на здравјето и безбедноста на потрошувачите, заштита на нивните економски интереси и заштита на животната средина, се согласија и двајцата директори.
На средбата беа разгледани идните активности меѓу двете институции, а во насока на зголемување на ефективноста и координацијата. Особено се стави акцент на сериозноста на проблемот и обемот на штетите што нелегалната трговија со тутун и тутунски производи го предизвикува. Ова бара од двете институции континуирани напори за да се спречи нелегалниот промет на акцизни добра. На овој начин не само што ја штитиме конкурентноста, го спречуваме неплаќањето на давачки кон државата, дополнително придонесуваме за заштита на здравјето на луѓето што може да биде загрозено со употреба на непроверени производи пуштени во промет на нелегален начин.
Токму поради огромните штети од нелегалната продажба на режан тутун во државата, Царинската управа во координација со Пазарниот инспекторат и Националниот координативен центар за сузбивање на организиран и сериозен криминал-Биро за јавна безбедност-МВР и други надлежни државни институции спроведува постојани акции за сузбивање нелегална продажба на тутун и тутунски производи.