Во годишна програма за проекти од национален интерес во областа на културата за 2021 година, генерално кога ќе се земе целиот просек со сите пари во програмите за култура од сите дејности, Македонци како носители на проекти се застапени со 60,26 отсто, Албанци 25,96, а другите 13,78 проценти, нагласи премиерот Зоран Заев.
Одговарајќи на новинарско прашање околу наводите дека „Албанците во проектите се застапени со околу 16 проценти“, Заев рече дека тоа не е точно, посочувајќи дека будно ги следат состојбите.
– Министерката скоро секој ден дава информации, сакаме да дадеме шанса на професионализмот на стручните луѓе. Сакаме да нема мешање на политиката, сакаме да нема мешање и на етникумите во државата, затоа што тоа треба природно да излезе, по пат на квалитет, по пат на граѓански права и тоа се трудиме. Без какво било мешање, бројките дојдоа горе-долу согласно етничката застапеност во државата. Да дадеме шанса до крај и да се имплементираат ваквите проекти, а секако правото на жалба веќе во одредени проекти е и воведено, односно воочено дека можеби некаде има одредени пропусти како доволна причина да се разгледаат повторно одредени проекти, истакна премиерот.
Тој наведе дека за Драмските и национални установи, Македонците имаат 64,32 проценти од проектите, Албанците 28,25 проценти, а во драмска дејност други корисници – Македонците 58,17, Албанците 30,18, другите помали заедници 11,66 отсто.
– Во интердисциплинарни и други корисници 20,38 се Албанците, четири проценти се другите помали заедници. Во музичката дејност Македонците се 52,4, Албанците 26,2, другите 3,9 и мултиетнички се 17, 5 отсто. Во музичката дејност други корисници и фестивали Македонците се 32,8, а Албанците 34,2 проценти. Меѓународни се 33 проценти, кои имаат мултиетнички карактер. Ликовни и други корисници – Македонци 36,2, Албанци 21,1, интеркултурни 28,4 и другите помалкубројни заедници 5,3 отсто. Библиотечка дејност, други корисници по етничка застапеност Македонците се 59,74, а Албанците 40,26 проценти, наведе премиерот.
Тој посочи дека во музичка дејност и заштита на нематеријално културно наследство по етничка застапеност Македонците се со 61,4, а Албанците со 28,3 проценти.
– Издавачка дејност – 64,86 Македонци, Албанци 25,6. Единствена во заштита на недвижно културно наследство Македонците имаат 85,3, а Албанците 14,7 проценти. Фолклорна дејност и други корисници, Македонци 60,8, Албанци 24 проценти, другите помалку бројни етнички заедници 13,2 отсто, додаде Заев.
извор: МИА