пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Не знам што е почудно, леснотијата и самоувереноста, секако и храброста, со која Зоран Заев ја понуди довербата во неговата влада на тацна или бегството на опозицијата. По толку агресивна кампања во јавноста, безбројни прес конференции, макар и бесмислени и плачливи, деноноќно сеење лаги и омраза по медиумските мегафони и социјалните мрежи… Можеа барем да ја искористат можноста да гласаат против, па во резултатот да има индикација дека постои некакво несогласување со политиките на владата. Вака резултатот е 62:0. Да се чуди човек!
Ниту еден пратеник на опозицијата во собраниската сала кога имаа шанса да покажат дека се сериозни. Нула црвени картони. Навистина? Ниту еден „народен избраник“ во оваа земја нема приговор за политиките и практиките на владата на Заев? Па самиот Заев не престанува да ја критикува својата влада и постојано повторува дека мора да има ред, дисциплина и правда! Да не говориме за сите критики кои гласно се искажуваат и испишуваат, како во медиумите, така и во бројните документи и пораки што ги испраќаме на адреса на владата и потоа ги гледаме обидите (успешни и неуспешни) за поправање на курсот ветен пред изборите.
Има разлика меѓу политичкото хазардерство и политичкото лидерство. За двете е потребна храброст. Дали понудата на Заев за гласање на доверба во неговата влада беше хазардерство или лидерство е помалку важно прашање, а и одговорот е очигледен. Поважно прашање од тоа е зошто никој не се осмели да покаже незадоволство и критика онаму каде што тоа би имало најсилен ефект, во домот на демократијата, Собранието.
Уште во првиот час по нокаутот што го доби во парламентот, Мицкоски, и онака потонат во порази, го стрефи лавина од подбивни коментари меѓу кои најсилен впечаток ми остави оној на Даниела Рангелова која му го закачи и хаштагот „Вака се станува лузер по книга“.
Другите коментари и мемиња по социјалните мрежи кои вклучуваат алузии поврзани со спуштени панталони, нема да ги споменувам, иако некои се урнебесно смешни. Сосема заслужено. Мицкоски се фалеше дека ќе обезбеди парламентарно мнозинство, особено откако помалите играчи во владејачката коалиција се прогласија за независни (посебна хумористична приказна), а сите испарија пред фрлената ракавица од Заев. Уште еден епски неуспех на партијата на Груевски, но и на сите останати чија уста е полна со жестоки напади против владата на Заев. И ниеден прст против него? Ниту еден црвен картон? Како дојде до уште една толку лоша политичка проценка на опозицијата, просто жал да те фати?
Изгледа Заев ќе мора да подзастане малку и да се обиде да ѝ помогне на опозицијата, не да го стаса, туку да застане на нозе, инаку вака не ја бива работата…
Да направиме едно кратко, строго селектирано резиме од потезите на политичкиот булдожер кој од корен го промени начинот на водење политика во земјава и го носи бранот на промени во регионални рамки, па и пошироко. Кои се фактите што, практично, не се гледаат поради димната завеса од црната антизападна пропаганда која на македонско тло ја водат повеќе центри на моќта и од дома и од странство?
Зоран Заев не престанува да прави преседани во политиката. Откако дојде на власт пред неполни четири години, тој постојано ја продолжува листата „за прв пат“ во политиката. Неговите потези на прв поглед изгледаат крајно ризични, со неизвесен исход, за потоа да излезе дека имал дурбин со подобри сочива од другите. И Бранко Героски своевремено го нарече „Балканскиот Ганди“ (иако сега таа колумна ја избришал), ден по терористичкиот упад на радикалите во Собранието на 27 април 2017 година.
Успешно реши и сè уште решава децениски спорови со соседите (Преспански договор, Договор за добрососедство со Бугарија…), членство во НАТО, приближување кон ЕУ… На внатрешен план, прави конкретни обиди да ја обедини земјата и да го спроведе концептот Едно општество за сите… За прв пат влезе во предизборна коалиција со партија на Албанците… Правдата доаѓа, криминалците, еден по еден заминуваат на „заслужен одмор“… Заедно со Ципрас беше номиниран за Нобелова награда за мир (обајцата ја заслужија!), а добитник е на дузина важни меѓународни признанија и награди, меѓу кои и годишната награда за човекови права од Фондацијата Фридрих Еберт во Берлин минатата година… Донира на сите страни…
Листата со преседани и невообичаено храбри политички потези продолжува. Преседан е и неговото решение да оди на општи внатрепартиски избори, не само во македонската демократска историја, туку и многу пошироко. И тука не се најде јунак-иња да му излезе на внатрепартиски мегдан…
И прави грешки, ги признава и ги исправа. И не престанува да се движи по сите вертикали и хоризонтали на политиката, во исклучително тешки и комплицирани услови. Со 49 од 120 пратеници формира влада во првиот мандат. Со видливи траги на челото од крвавиот напад во Собранието, тој им прости на своите напаѓачи и продолжи со својата работа. На ланските предвремени избори, среде пандемија, освои 50 пратеници и пак формира влада. Но секогаш кога тоа беше исклучително важно, му успеваше да обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот.
И сето тоа го прави, барем навидум, со леснотија која сигурно ги вади од такт неговите политички опоненти кои го третираат како смртен непријател, додека уживаат во демократските придобивки и слободата што им ја донесе поразот на режимот. Не им е лесно.