пишува ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Некои луѓе почнаа да ги сметаат лајковите сериозно како критериум и мерило за постигнувањата и успесите во животот.
Цели часови и денови, поминуваат броејќи си себе и на други лајкови, и манијачејќи кој кого лајкнал.
Како стручен медиумски истражувач, а богами и другар со Кристалната топка, би сакал да им ги скратам маките и да ги соочам со табелата.
Според тој „критериум“ на успешност, доктор Грујо е „најуспешен“ и најлајкан човек во Македонија, а богами и нејзината дијаспора. Меѓу топ најлајкани ќе го најдете на пример и Димче, и разно разни други политички плукачи и мразачи.
Но, освен политичките циркузанти, во топ листата на најлајкани се редовно и медиумските циркузанти, оние што успех во животот, мерен преку лајкови, градат плукајќи други луѓе.
Тука се и разно разни инфлуенсер(к)и, многумина од кои прават циркус од себе но и плукајќи други за општ сеир и за џвакање на напалената маса во гладијаторската Фејсбук арена. Некои од нив и буквално живеат од и за тие лајкови, заработуваат од популарноста на социјалните мрежи, рекламирајќи тајно или отворено разни „производи“.
Но, новиот свет е полн и со тажни приказни на лајкуваните, оти нивните „ѕвезди“ брзо се палат и гасат, бидејќи натпреварот за глупирање е жесток, и секогаш има некоја нова и поинтересна мода, појава, будала или циркус. Напуштените екс-лајкувани, имаат потоа тешки проблеми во животот, пред сѐ, со себе.
На топ листата на најлајкани надвор од политиката, тешко дека ќе најдете и некој глас на умот и разумот, некој што не комуницира простачки, некој што прави нешто добро не за себе и слава, туку за другите.
Тие што се реално успешни, стручни, можат и вредат во реалноста, што знаат да пишуваат повеќе од подмет-прирок-плуканица, најчесто слабо поминуваат со лајкови. Ги караат дека не се разбирливи за простаците. Но се добри за плукање на билдање на лајкови на плукачите.
Така стојат работите со лајковите и најуспешните во Македонија. Кој сака вакви „успеси“, нека си најде соодветна мета за плукање, и веднаш нека распали: раз-два-три пљуц!
извор: https://civilmedia.mk/