Пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска најави дека ќе поднесе Предлог-закон и дополнување на Законот за пратеници со кој пратениците ќе имаат само македонско државјанство.
Координаторот на пратеничката група од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, истакна дека овој предлог доаѓа за да се затвори темата со „бугарските пасоши“ и нагласи дека закон го потпишаа сите пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и ги повика и пратениците од СДСМ и од другите политички партии да го поддржат.
Од СДСМ со соопштение одговорија дека поддржуваат пратеници да бидат лица кои имаат единствено македонско државјанство, но тоа да важи и за пратениците од актуелниот пратенички состав.
„Исто така, предлагаме пратеници да не може да бидат лица кои се осудувани за кражби во други држави, како на пример лицето Антонио Милошоски, односно лица кои со своите незаконски дела го нарушуват имиџот на земјата. Сепак, поважно од сѐ, наместо да чека законски измени, пратеникот Антонио Милошоски, како осудено и казнето лице во Германија за кражба, за кого се водат предмети пред македонските судови треба да си даде оставка.“, соопштуваат од СДСМ.
Предлогот на опозициската партија доаѓа еден ден откако бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов објави список од „истакнати“ имиња од С. Македонија, што имаат бугарски пасош врз основа на декларирано бугарско потекло. Каракачанов ги издвои имињата: Александар Николоски, Антонио Милошоски, Никола Мицевски, Александар Пандов и други.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на објавата од Каракачанов со демант. Според ВМРО-ДПМНЕ, неговата објава е лажна вест и велат дека ниту еден од посочените функционери на партијата немаат бугарски пасош.
Каракачанов, потоа , изјави дека никаде не се спомнува ВМРО-ДПМНЕ, ниту дека имињата што фигурираат на списокот се функционери или пратеници од партијата и не знае зошто се препознале од ВМРО-ДПМНЕ
Ј. Ѓ.