Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска, во гостувањето во Утрински брифинг на Слободен печат, изјави дека на вчерашниот колегиум во ДКСК се договориле пред да отворат официјално предмет најнапред да соберат доволно информации поврзани околу медиумските најави дека се случиле такви работи (набавка на вакцини), односно да се види дали има доволно елементи да се отвори предмет од надлежност на ДКСК.
Таа вели дека во ДКСК не се расправало за предметот околу постапувањето на докторот во струшката болница.
-Јас изреагирав со мој личен став, дека треба да се утврди одогорност за целиот процес. Мене навистина не ми е јасно како може некој да влезе во болница, да биде се во ред и да излезе без три органи. Ова како граѓанин си го поставувам како прашање. Кога ја добива лиценцата еден доктор, значи дека тој е одговорен, образован, професионалец и професионално ќе си ја заврши својата работа и дека на некој начин треба да ја гарантира безбедноста на пациентите. на овој начин се губи довербата и во белите мантили. Она што можеби ние ќе го детектираме како случај во ДКСК е позицијата на господинот Асани како директор на клиниката, бидејќи за него се утврдило дека има ординација која работи на диво. Кој може да гарантира дека тој не ги пренасочува пациентите од својата дива ординација, вели Ивановска.
Претседателката на Антикорипциска зборуваше и за случајот со набавка на софтвер од страна на поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски.
-Сериозни наводи излегоа во медиумите за овој случај, па се отвори предмет да се утврди дали навистина станува збор за патентирање на истиот софтвер, како било спроведена таа јавна набавка, како биле утврдени потребите бидејќи софтверот не се користи, рече Ивановска.





