Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 8 до 14 март тестирани се вкупно 22.625 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 7,3 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 5.456 нови позитивни случаи од 34 градови во државата со зголемување од 22,2 отсто во однос на минатата недела, соопшти Министерството за здравство.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=2.708; 49,6 отсто), со неделна инциденца – 438,4/100.000. Највисока неделна инциденца од 809,6/100.000 е регистрирана во Демир Капија.
Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 19,4 до 27,4 отсто, или во просек 23,9 отсто, идентично како минатата недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=1.434, 26,3 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30 до 39 години (n=1.064; 19,5 отсто), од 40 до 49 години (n=977; 17,9 отсто), од 50 до 59 години (n=916; 16,8 отсто) и од 20 до 29 години (n=698; 12,8 отсто). Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години (n=116; 2,1 отсто) и од 10 до 19 години (n=251; 4,6 отсто).
По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 2.737 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е намалување од 29,7 отсто споредено со минатата недела.
Пријавени се 129 смртни случаи од 21 град, што е за 2,3 пати повеќе во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 110 лицa биле над 60 години, 17 лица на возраст од 50 до 59 години и две лица од возрасната група од 40 до 49 години.
На 17 февруари во државава почна вакцинацијата против Ковид-19, а заклучно со 15 март вкупно се вакцинирани 5.061 здравствени работници.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 8 до 14 март, како и кумулативната состојба се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/.
извор: МИА