На Велика Британија следниот месец и се заканува недостиг на вакцини поради доцнењето на пратката од индискиот Институт Серум, што ја произведува вакцината „АстраЗенека“, соопшти денеска министерот за здравство Мет Ханкок.
Британија е во првите редови на вакцинацијата во светот, но здравствените власти вчера предупредија дека имунизацијата ќе забави од 29 март, во следните четири недели, првично не откривајќи ја причината за тоа.
-Доцни договорената пратка од Институтот Серум во Индија, им рече Ханкок денеска на пратениците.
Велика Британија ги користи вакцините на „Фајзер“ и „АстраЗенека“, а од вкупно 100 милиони дози на „АстраЗенека“ 10 милиони се нарачани од Индија.
Портпарол на Индискиот институт изјави дека пред неколку недели на Британците им биле испорачани пет милиони дози.
-Ќе се обидеме подоцна да им испорачаме повеќе, врз основа на моменталната состојба и барањата на програмата за имунизација на индиската Влада“, додаде тој.
И додека британските власти зборуваат за доцнењето, „Фајзер„ и „АстраЗенека“ вчера соопштија дека нивните пратки ќе пристигнат во договореното време.
Портпаролот на „АстраЗенека“ вчера изјави дека британското производство функционира нормално.
Досега првата доза во Велика Британија ја примиле 25,27 милиони лица или 48 проценти од возрасните. Британските медиуми наведуваат дека земјата во следните неколку дена ќе го надмине процентот од 50 отсто вакцинирани. /МИА/




