На панелот „Попис: Статистика, не политика“ што го одржа ЦИВИЛ во Гостивар на 11 март, модераторот на панелот, Џабир Дерала, инсистираше на едно прашање и им го постави на сите учесници поединечно, во врска со пропагандата од одредени политички кругови, дека постои договор помеѓу СДСМ и Албанците, во пописот „да се прикаже поголем број на Албанците“.
Учесници на панелот беа Градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари, Зоран Ангелов, координаторот на советничката група на СДСМ, Марјан Силјаноски, советник од ВМРО-ДПМНЕ и Бесим Мемеди, претседател на Совет на Општина Гостивар.
Прашањето гласеше: Дали СДСМ и Албанците се договориле околу бројот на Албанците во пописот?
Дерала го праша Мемеди: „Господине Мемеди, дали сте се договориле со Македонците, односно со СДСМ, да бидат Албанците во поголем број?“
Мемеди одговори: „Не сакам многу да зборувам, бидејќи градоначалникот многу добро ова го изнесе како наука, статистиката, значи два и два се четири. Ви ветувам дека Алијансата за Албанците нема договор со никого. Имаме договор само со граѓаните, ги мотивираме граѓаните да успее овој попис. Нам ни е битна реалната бројка.“
Дерала тогаш се обрати до Силјаноски од ВМРО-ДПМНЕ: „Дали можеби има вистина во тоа што се зборува, дека има договор меѓу СДСМ и Албанците, за Албанците да излезат поголема бројка на пописот?“
„Не знам точно… 50/50“ – одговори Силјаноски.
„Би сакал во кратки црти да искоментирате една ваква гласина, или пораки кои се пуштаат во јавноста, на социјалните мрежи, па дури и на некои од медиумите, или може да провее низ изјавите, дека всушност се работи за попис кој е договорен меѓу Албанците и СДСМ, да се напумпа бројката на Албанците во нашата земја…Што ќе речете вие за ова?“ – гласеше прашањето до Таравари.
„Ние во партијата имаме аналитички центар. И, статистиката е наука, не е нешто околу што можеме да се договориме. Нашиот аналитички центар ги анализираше општините, со наталитети, морталитети…И ги имаме бројките, ви велам, наука е. Не може два и два да биде пет или три, се знае дека е четири. И во статистички операции, или математички операции, никогаш не може да се направи никаков договор. Бројките се реални и тврдоглави, и да сакаме Зоран и јас да ги направиме, не можеме два и два да ги направиме пет или три, мораме четири. Така што ваквите шпекулации се неприфатливи, кај некого може и да поминат, меѓутоа, тоа е експлицитна наука и на крај памет не ни доаѓа да се договараме. Ова не е работа на договор, туку на планирање. Пописот не е политика, туку е математика“ – одговори Таравари.
Дијана Тахири / ЦИВИЛ