Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, пред два дена давала исказ за случајот со бегството на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков. Предметот за тоа дали постоело бегство го води Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, а надлежна обвинителка е Ленче Ристоска. Русковска информацијата дека давала исказ ја соопшти денеска во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
На прашањето дали има информации што се случувало со Мијалков периодот кога беше недостапен или се уште трае истрагата, обвинителката одговори:
„Знам дека колешката Ленче Ристоска го води тоа. Во четвртокот имаше исказ и од мене и од истражителите кои го лишија од слобода. Така што, за повеќе информации треба да се обратите до нејзе“.
Русковска и денешното гостување ги повтори причините зошто не бил побаран притвор за Мијалков кога се даваа завршните зборови за предметот „Таргет-Тврдина“ во кој тој доби 12 години затвор од првостепениот суд.
„Во завршните зборови немавме законска основа да побараме притвор, затоа што Мијалков ги почитувал мерките, се јавуваше на секое рочиште. Тоа е една страна, а од друга страна доколку тогаш би побарале притвор би прејудицирале пресуда и од тие причини во тој момент немавме законска можност да побараме притвор, а кога ние побаравме во неделата, судот не му одреди притвор, туку куќен притвор затоа што имавме непотврдени информации“, рече Русковска.
Извор: 360 степени





