Од Руската амбасада за Сител велат дека досега не коментирале изјави на поедици, но овој пат ќе направат исклучок.
„Амбасадата не ги коментира изјавите на поединечни лица, без оглед на тоа колку се фантастични. Во исто време, земајќи ја предвид посебната важност на ова прашање за граѓаните на Северна Македонија, овој пат ќе направиме единствен исклучок – немаше и нема да има никакви посредници во набавката на вакцини за РСМ: Сите преговори се водеа директно помеѓу Рускиот фонд за директни инвестиции и Министерството за здравство, и токму на овој начин беа постигнати конечни договори“, велат од руската амбасада.
Повеќе медиуми објавија дека Никола Лакушиќ, Србин кој живее во Швајцарија бил посредник за руската вакцина со 3 балкански земји. Тој вели дека набавил пола милион дози Спутник за Босна и Херцеговина, а посредувал и за набавката со Бугарија, Алжир и Македонија.
Парите од провизијата ќе ги добиел по пристигнувањето на вакцините, тврди тој.