Кога во неполни 3.5 години, од кои една е во услови на светска пандемија, Градот и градоначалникот успеаjа во рекордно време да завршат четири нови булевари, реконструираат цел клинички центар и да ја изградат монтажната болница, кога се завршува мостот на Вардар во Аеродром, кога секоја година се градат десетици километри нови велопатеки, подигаат илјадници квадратни метри нови зелени површини и истовремено се уредуваат запуштени јавни простори, се подигнуваат нови дрвореди, се уредуваат зелени покриви…пишува скопскиот градоначалник Петре Шилегов на Фејсбук.
„Кога светските организации за мерење на загадувањето на воздухот бележат континуиран пад на загаденоста во Скопје, кога низ градот се движат 33 нови МАН автобуси на гас, се пробива и расчистува кејот на Вардар, кога после 30 години управување со Град Скопје од страна на ВМРО ДПМНЕ, имавме само желба и нереализирани ветувања, а под мое водство успеавме за само три години да го доведеме Градот пред набавка на трамвај на тркала, логично е дека оваа партија ќе нема што друго да прави освен да измислува скандали и да пласира лажни вести.
Ако се има сето ова во предвид, тогаш е јасно зошто ВМРО ДПМНЕ вештачки се обидува да креира наводни скандали, бидејќи и нив им е јасно дека ќе добијат поразителна порака на следните локални избори.
Топло им порачувам да почнат да си го сакаат градот во кој што живеат, да почнат да работат за него и интересот на скопјани и да престанат да шират лаги“, напиша Шилегов.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ претходно го обвини дека сред пандемија дал милион денари за снимање шуми со дрон, а фирмата која го изведува снимањето е на партнерот на министерката за образование, Мила Царовска.