пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Без оглед на тоа дали некоја партија е на власт или во опозиција, луѓето што ги разбираат и мерат нештата според вредностите и кои ја разбираат комплексноста на односите во општеството и политиката, не само според тоа дали некој е на власт или не, ги подложуваат на критика оние структури и нивните постапки зависно од нивните вредности, а не зависно од тоа дали се на власт или во опозиција. Можеби овој став, збиен во една реченица е недоволно разбирлив, па затоа ќе се обидам да објаснам со поедноставни и пократки реченици. Затоа, читајте до крај. Во принцип, читањето до крај не ви одзема време, туку ви заштедува, но тоа ќе го објаснам во друга прилика.
Да почнеме од тоа дека критиката на власта е работа на политичките партии, а критиката која доаѓа од медиумите и граѓанското општество подразбира оценување на вредностите, политиките и практиките, без оглед на тоа каде се наоѓаат политичките партии и други структури на моќта? Се разбира, критиката сфатена во нејзината вистинска смисла на зборот, не како црна пропаганда.
Кога се на власт, одговорноста на политичките партии на власт е поголема, но кога се во опозиција, неодговорното однесување и дејствување во политиката може да биде подеднакво штетно за општеството и за институциите на системот. Особено кога распоредот на силите во парламентот е отприлика изедначен, што не е случај само во Северна Македонија, туку во многу други земји. Па функционираат! А во нашата земја парламентот не може да мрдне од мртвата точка со години наназад.
Пропорциите и односите меѓу центрите на моќта (не само политичката) и на одговорноста што ја подразбира моќта стекната на избори и во постизборните коалицирања за формирање влада се далеку покомплексни и подинамични состојби и процеси, отколку што тоа може да се прочита во анализите кои ги изработуваат и објавуваат креаторите на јавното мислење што ги наоѓаме на секое ќоше – во медиумите, невладините, разните институти, академијата… Секако, да не ја занемариме и „бравурозната“ аналитичност на Фејсбук мудреците.
Неприфаќањето на медиумско-интелектуалните елити и невладините фолиранти да ја разберат и да ја објаснат комплексноста на политиката и општеството води кон длабока политизираност во општеството, кон едностраност и плиткост, неинформираност и, простете, неписменост. Тоа, исто така, говори за аморфност и безидејност, слепило за вредностите во општеството. За кои вредности говорам овде? Сигурен сум дека не е доволно јасно, не затоа што јас нешто пишувам заплеткано и комплицирано како Хајдегер и не-дај-боже како „забавниот шарлатан“ Жак Лакан (Чомски), туку затоа што вредностите во ова општество се банализираат со генерации наназад.
За кои вредности говориме овде? За европските вредности говориме! Еднаквост, владеење на правото, социјална и еколошка правда, почитување на човековото достоинство, човекови права и слободи, слобода на изразувањето, еднакви можности за сите, почитување на различностите и антинационализам. Ете, за тоа говориме. Критиката тргнува и завршува кај вредностите. Останатото е пропаганда.
Оние што дејствуваат спротивно на тие вредности, се легитимна мета на прогресивната јавност, без оглед на тоа дали се на власт или во опозиција.
Отсуството на разбирање и искрено залагање за вредностите во општеството, неодговорноста, алчноста, корумпираноста, неискреноста и неписменоста, придружени со мрзата, неписменоста и аљкавоста доведоа до деградација и продолжена агонија на општеството.
Тоа ги става пропагандните машинерии на моќните непријатели на демократијата во одлична позиција да водат кампањи за дестабилизација и руинирање на општествата неотпорни на црната пропаганда. На тоа се надоврзува оправданото незадоволство од корумпираниот и недоволно реформираниот систем. Поконкретно, јавноста е скандализирана од бројните коруптивни случаи поврзани со функционерите и раководствата на државните и локалните институции. А корупцијата ја имало секогаш, таа е грижливо негувана и длабоко всадена во системот. Придружена со систематското потценување на вредностите.
Се разбира, во овие околности, со неинформирани политички незнајковци кои секојдневно го креираат јавното мислење, со многу „паметен“ израз на лицето, не се прави разлика меѓу криминална и корумпирана власт која функционира како мафија и власт која покажува јасни знаци на политичка волја и има план за борба против корупцијата. Во текот на владеењето на режимот, никој не смееше да писне дека има корупција, бидејќи веднаш ќе биде „фрлен во ендек“, а во услови на демократска власт, секоја коруптивен случај се разгласува од највисоката камбанарија или минаре, како сакате.
Сега, имаме извонредно плиток „аргумент“ на квази-критична јавност која вели дека треба криминалците и радикалите да ги оставиме на мира, бидејќи не се на власт. Добро. Тоа значи дека и Сталин треба да го заборавиме, бидејќи, не само што не е на власт, туку е и одамна мртов. Нели? Или, во Русија нема структурно насилство, угнетување на малцинствата, диктатура и корупција, бидејќи сите политичари, интелектуалци и новинари што се обидоа да проговорат за тие состојби се уценети, заплашени, затворени или… убиени. А во Германија власта на угнетува и не убива, па затоа медиумите и граѓанското општество постојано говорат за пропустите на власта и опозицијата, за корупцијата, загадувањето, неонацизмот… Значи, Русија е супер, Германија не чини, така? Па зошто никој не бара да се исели во Русија, тогаш?
Со други зборови, најлесно е да се пука и плука против власта, особено ако таа е демократска и не ги злоупотребува лостовите на моќта за репресија на критиката и слободата на изразувањето. Или можеби се работи за длабоко вткаен страв од репресијата на други политички (милитантни и криминални) структури и инсталации во политиката? За секој случај, да не се вратат на власт. Да не ја спомнувам, гад форбид, претпоставката дека големи делови од медиумите, академијата и граѓанското општество се длабоко и засекогаш потонати во клиентелизам и корупција во секоја смисла на зборот.
Не знам колку може да биде појасно ова што го зборувам овде, но еве, да го илустрирам овој став со обратната логика: „Ако фашистите се во опозиција, тоа значи дека автоматски треба да се поддржуваат. Треба да се бориме да дојдат на власт, па тогаш, ако смееме, ќе ги критикуваме.“ Или: „Ако криминалците веќе не се на власт, не мораме веќе да ги критикуваме. Ако дојдат на власт, ако не нѐ корумпираат, ќе ги критикуваме.“
ПС. Во следната прилика, ќе направиме една прошетка низ македонскиот политички аквариум. Или можеби подобар израз би бил панаѓур, џунгла, мочуриште, лавиринт…?