пишува: БРАНКО ТРЧКОВСКИ
Цела една нација може да се почувствува измамена, да речеме, затоа што и недостига Светиот грал. Исто така, таа може самата себе да се убеди, дека и е неподносливо што нема излез на некое море или што нема нафтни извори. Или може одеднаш да почне да страда поради граничната линија која до вчера ја прифаќала. Таа, исто така, може да го смета за неподносливо тоа што нејзините соседи имаат убедувања и институции кои се разликуваат од нејзините.
Тоа е основа на војничкиот импулс.
Ќе се рече дека војната што претстои ќе биде верска или економска или идеолошка.
И готово.
На тој начин војничкиот нагон предизвикува повторно оживување на омразата која веќе била латентна. Тоа зреење на атмосферата го овозможува фактот дека во психолошка смисла, војната секогаш е смрт на другите.
Жорж Батај уште кажува дека кога нацијата не е во состојба таа насобрана омраза и негативна енергија да ја извезе во првец на некој непријател, самата станува жртва на вишоците на сопствената црна енергија.
Кога немаме сила самите да го уништиме вишокот енергија односно не можеме да ја искористиме, како некое силно животно, кое не може да се скроти, таа не уништува нас и на наша сметка се случува неизбежната експлозија.
Тие вишоци на живата сила кои локално ги блокираат најсиромашните економии, навистина се најопасните фактори на пропаста. Затоа се случувале деблокадите, но во најдлабоката потсвест. Древните народи ги наоѓале во ритуалите, некои граделе прекрасни споменици, кои немале корисна намена, современиот свет ги употребува вишоците за да ги зголеми услугите кои го олеснуваат животот. И склони сме делумно да ги ресорбираме во зголемување на часовите на разбигрижата.
Но тие одвраќања секогаш биле недоволни, постоењето на вишоци енергија отсекогаш изложувало многу луѓе и големи количества корисни добра, на воени разорувања.
Ние ги имаме сите фактори на пропаста за кои пишува Батај.
Нека не ви е тешко да читате социолошки студии:
Во суштина, тие се полесни отколку конзумацијата на контактните или дебатните емисии на македонските телевизии. За интервујуата на лудаците од типот на Жмицко, да не зборуваме
Ни фали Светиот грал, тоа го знаат и малите деца.
Украден ни е.
Немаме излез на море.
Украден ни е.
Не сме задоволни од граничните линии.
Наметнати ни се.
Немаме нафтени извори.
Односно, уште полошо, имаме, ама не ни даваат да ги откриеме и експлоатираме.
Немаме вакцини!
Уф, јеботе бог.
Вакцини немаме.
Кај се нашите вакцини.
Како тоа Србија има, а ние немаме.
Можеби, наместо што влеговме во нато, требаше да бараме нато да не бомбардира.
Тајната е во бомбите.
Да, да, да…
Што работат оние што ги плаќаме за да ни набават вакцини.
Ако ги убиеме ќе добиеме важна сатисфакција.
Плус, можеме да избереме некој кој, можеби, може да ни набави вакцини.
Ако не и него ќе го убиеме.
Додека не се изредиме сите.
Тоа е добар начин да го симнеме прашањето на вакцините од дневен ред.
Мртвите не се вакцинираат.
Го имаме и најважниот фактор: вишокот енергија што ја создава нацијата која не работи ништо.
Освен што виси на фејсбук.
И се проектира себе си како жртва.
Што, всушност и е.
Само што е жртва на самата себе.
Во целата таа калакурница важно е да се каже дека е точно дека немаме доволно вакцини, но затоа го имаме вмро. Вмро е хемиска ознака за вишокот батајска енергија кај Македонците.
Самоубиствена, се разбира.
Тоа е перманентна и стравично агресивна пресија на мислата дека сме онеправдани, тероризирани, разнебитени, предадени, дека вината за несреќата е во власта, помалку во Европа и во светот, но и таму, проекции кои од најдобриот и најлесен живот на планетата, прават пекол, кои му се потсмеваат на мирот и на редот, им се потсмеваат на функционирањето и на се, исто така, за сметка на сугестијата дека животот во Македонија, не е ништо во однос на тоа што народот го заслужува.
Народот се инфантилизира.
До нивото што не би можел да каже дека е ниту флотантна маса.
Ниту маса.
Ниту е флотантна.
Само едно големо ништо кое му се извинува на светот за своето постоење.
Слободен сум да изнесам три можни спаса, хахаха:
Да почнеме нешто да работиме, нешто што е различно од навлеченоста на власта, како зависност што ја решаваме со нови и уште побесмислени и посамоубиствени критики.
Власта е добра.
Власта е подобра од нас.
Второ, да го научиме првиот закон.
Трето, да провериме колку сме го научиле првиот закон.
Четврто, ослободете се од вмро по секоја цена, тамам и да морате да одите во Краснојарск и Архангелск, во Шангај и Лос Анѓелес, во Ливерпул и Фриско по вакцина и лек.
Од фолклорниот македонизам како смртоносна болест.